Обвинителството најави жалба по пресудата за сообраќајката кај Млечен ресторан

180

Бројните реакции во јавноста кои беа предизвикани од условната осуда за сообраќајка во која едно лице го изгуби животот, испровоцира реакција од Јавното обвинителство, кое најавува жалба.

„По реакциите на оштетената и на јавноста за изречената кривична санкција и донесената пресуда од Основниот кривичен суд Скопје, објавена на четврти септември, оваа година, во Јавното обвинителство беше разгледан предметот за сообраќајната несреќа кај Млечен ресторан и беше констатирано следното: По спроведена претходна постапка, Основното јавно обвинителство поднесе обвинителен предлог против лице на возраст од 63 години, за кривично дело – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, за кое дело предвидена е затворска казна од 1 до 5 години“, се вели во писменото соопштение на обвинителството, а во кое е наведено дека уште во текот на истрагата бил распитан обвинетиот и оштетената, дека било изготвено сообраќајно-техничко вештачење и медицинско вештачење, како и обдукциски протокол.

„Обвинителниот предлог се однесува на кривично дело извршено на 12. октомври 2018 година, околу 16 часот, кога обвинетиот управувал со возило ‘цитроен крусер’, по левата сообраќајна лента од улицата ‘Митрополит Теодосиј Гологанов’, во насока од запад кон исток. Кога дошол на крстосницата со улица ‘Анкарска’, на која сообраќајот е регулиран со семафор, на вклучено зелено светло навлегол во лево за да се вклучи на коловозот на улица ‘Анкарска’, но тука постапил спротивно на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, па не го испочитувал поставениот сообраќаен знак – забрането свртување лево.

Со предниот лев дел од возилото удрил во тркало од моторцикл (марка ‘Дукати’), сопственост и управуван од оштетениот, а на кој како сопатник била неговата сопруга. При сударот, возачот на моторциклот се здобил со тешки телесни повреди и бил хоспитализиран, но од тежината на повредите починал истиот ден.

Со тешки телесни повреди се здобила и неговата сопруга“, го појаснуваат од обвинитрелствто текот на случувањата на трагичниот настан и ценат дека од анализата на сите обезбедени докази и утврдената состојба, „од кривично-правен аспект неспорно произлегува дека обвинетиот кривичното дело го сторил од небрежност, а не од умисла, бидејќи не направил сообраќаен пропуст кој би укажал на тоа дека свесно и волево ја предизвикал штетната последица – на раскрсница навлегол на зелено светло и возилото не го управувал под дејство на алкохол.

Видот на повредите кои оштетениот ги здобил во несреќата и кои предизвикале смртен исход, надлежниот обвинител ги исцрпи од обдукцискиот протокол изготвен од Институтот за судска медицина, а видот и карактерот на повредите на оштетената медицинското вештачење врз основа на претходно обезбедената медицинска документација“.

Од обвинителствто велат дека непосредно пред завршување на судската постапка, од полномошникот на оштетените на застапникот на обвинението му била предадена нова медицинска документација која се однесува на оштетената и нејзината бременост. Оваа документација била приложена во дополнение на доказната постапка пред судот.

„По признание на вина на обвинетиот јавниот обвинител, во завршен збор, детално направи анализа на сите околности, во поглед на изборот на видот на кривична санкција и нејзино одмерување, при што посебен акцент даде токму на состојбата во која била оштетената и штетните последици кои што настапиле од сообраќајната незгода, како во поглед на смртниот исход кај еден оштетен и предизвикувањето тешки телесни повреди кај оштетената, утврдени врз основа на обезбедените докази во претходната постапка и приложени со обвинението, така и во поглед на новоприложената медицинска документација“, се вели во соопштението на обвинителствто кое, по прием на првостепената пресуда, најавува жалба до повисокиот суд.

Спонзорирано