Еден македонски и тројца пакистански државјани осудени заради криумчарење мигранти​

1410

За изнудата на пари и за бруталното однесување со мигрантите првообвинетиот Б.А. (45), од Ваксинце, е осуден на 4,6 години, а тројцата Пакистанци: Ш.Р. (40), М.Х. (28) и А.Р. (23) на по осум години затвор 

 

Во скопскиот кривичен суд денеска е објавена пресуда за четири лица, кои се товареа за кривично дело: криумчарење на мигранти.
Судечкиот совет, како што информираат од Јавното обвинителство, по одржана главна расправа на која беа изведени материјални и вербални докази, обвинетите ги огласил за виновни, па така, првообвинетиот Б.А. (45), инаку македонски државјанин, а по признание на на вина, е осуден на казна затвор во траење од 4,6 години, додека на тројцата државјани на Пакистан: Ш.Р. (40), М.Х. (28) и А.Р. (23) им се изречени затворски казни во траење од по осум години.
„Постапката против обвинетите започна по добиена информација од страна на органите на Р.Србија кои добиле пријава од пријател на две жртви. Вечерта на први ноември минатата година, околу 22 часот, беше спроведена полициска акција и при претрес на куќата на Б.А. беа пронајдени дванаесет мигранти меѓу кои и две малолетни лица“, појаснуваат од обвинителството. Оттааму и дополнителни појаснувања дека во фаза на истрага, надлежниот обвинител утврдил дека од средината на октомври па се први ноември 2019 година, во селото Ваксинце, сете сега осудени лица, заедно и по предходен договор прифаќале и засолнувале илегални мигранти од Индија, Авганистан, Пакистан и други земји од Азија.
„Со намера да се стекнат со материјална корист за себе и за Б.А, обвинетите Ш.Р., М.Х. и А.Р., постапувале особено понижувачки и сурово кон мигрантите, присилно држејќи ги мигрантите спротивно на нивната волја во дел од куќата сопственост на обвинетиот Б.А.. Жртвите добивале еден оброк дневно, биле физички малтретирани, а поради пластичните црни кеси залепени на прозорците го изгубиле чувството за време и не знаеле дали е ден или ноќ. Во таква состојба на дезориентираност, чувство на глад и страв жртвите биле тепани со црево од обвинетите Ш.Р.и А.Р. кои потоа на мигрантите им ставале нож под грло, држејќи ги од зад грб и им се заканувале дека ќе ги убијат ако не платат или нема да им дозволат да продолжат по мигрантската рута“, се вели во соопштението на обвинителството и се појаснува дека обвинетиот М.Х. ги снимал со телефон, а потоа видео снимките им ги испраќал на роднините на мигрантите со укажувања дека доколку не им испратат пари тие ќе бидат убиени. Роднините на мигрантите биле присилени по пат на „хавала систем“, да ги испратат бараните средства коишто мигрантите му ги давале на рака на обвинетиот М.Х. Доколку договорените износи не биле навремено испратени, обвинетите Ш.Р., М.Х.и А.Р. ги тепале мигрантите со црево, а малолетните жртви ги присилувале да чистат.
Обвинителството, во текот на расправата, успеало да докаже дека на овој начин биле оштетени: мигрант од Авганистан кој веднаш по пристигнувањето во куќата платил 120 евра колку што имал во моментот, а дополнително платил уште 700 евра што му биле испратени од роднините, двајца мигранти од Индија кои кога пристигнале во куќата платиле 700 и 600 евра, а по пет дена престој, исплашените роднини ветиле дека ќе испратат уште по 1.000 евра, но парите не пристигнале до први ноември 2019 година, кога обвинетите се приведени, двајца мигранти од Индија веднаш по пристигнувањето дале по 1.000 евра, но обвинетите им побарале да доплатат уште по 1.300 евра, на што се согласиле нивните семејства, но и овие пари не пристигнале, мигрант од Авганистан платил 1.000 евра што му ги испратиле роднините, мигрант од Индија платил 500 евра, а малолетен мигрант од Авганистан и покрај тоа што на обвинетите им дал 700 евра што ги испратил вујко му бил задржан наредните 10 дена со цел да плати уште 500 евра, кои не пристигнале до денот на приведуваеето на сега осудените.

Спонзорирано