Со опозициска поддршка, донесени три реформски закони за правосудството

1183

Собранието ги донесе денеска измените и дополнувањата на три закони кои се дел од реформската агенда во областа на правосдудството. Станува збор за законите за судови, за прекршоци и за управни спорови, кои се со европско знаменце и беа донесени со двотретинско мнозинство без ниту еден глас „против“ и „воздржан“, што значи дека добиле поддршка и од дел од опозицијата.

Во текот на расправата, опозициските пратеници истакнаа дека со прифатените амандмани во голема мера е подобрен текстот на сите три закони, но изразија жалење што не е решен проблемот со унапредувањето на вработените во судската администрација.

Владејачкото мнозинство оцени дека се работи за квалитетни решенија, а во однос на Законот за прекршоци истакна дека е направено суштинско намалување на казните и глобите и е намален рокот за застареност од три на две години.

Ова се дел од законите што се во согласност со европските директиви и треба да бидат донесени пред почетокот на кампањата за претседателските избори, така што ќе бидат земени предвид при одлуката на Европскуиот совет околу почетокот на преговорите со Северна Македонија. Но, сѐ уште е неизвесно донесувањето на измените во Законот за јавно обвинителство, преку кој треба да се уреди и статусот на СЈО. Поради тоа, обезбедувањето на потребното двотретинско мнозинство за овој закон оди тешко, поради отпор од ВМРО-ДПМНЕ, но и од ДУИ.

Спонзорирано