ПРЕСУДИТЕ ЗА БОКИ 13 И ЗА КАТИЦА ЈАНЕВА СТАНАА ПРАВОСИЛНИ

717

Апелациониот суд Скопје ги потврди пресудите коишто пред нешто повеќе од една година ги иарече скопска „единица“, а со која Бојан Јовановски алиас Боки 13 беше осуден на казна затвор во траење од 9 години, а екс шефицата на некогашното Специјално Јавно Обвинителство (СЈО), Катица Јанева беше осудена на казна затвор траење од седум години. Сега правосилно осудените казните ги дочекаа во своите домови, откако претходно мерката притвор им беше заменета со куќен притвор.
„Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ-91/20 познат во јавноста под името „Рекет“, донесе одлука со која жалбите на обвинетиот Бојан Јовановски од Скопје, обвинетата Катица Јанева од Скопје и на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди.

Вака донесената одлука ќе биде објавена во целост на веб страната на судот во рокот определен со Законот за управување со движењето на предметите во судовите“, се вели во соопштението на скопска Апелација.

Во предметот наречен „Рекет“, Јовановски се товареше за две кривични дела: примање награда за противзаконито влијание и за перење пари и други приноси од казнено дело, а Катица Јанева за злоупотреба на службената положба и овластување. Всушност тие беа обвинети дека примиле 1,5 милиони евра, а за возврат требало да му издејствуваат укинување на мерка притвор на Орце Камчев.

Спонзорирано