Вкупно 19 години и осум месеци казна затвор добија обвинетите во случајот „Титаник 2“ на СЈО, кој се однесува за изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година. Највисока првостепена пресуда од четири години и шест месеци доби поранешниот член на ДИК од редовите на ДПА Бедредин Ибраими, за кој обвинителката Фатиме Фетаи бара да му се определи притвор до правосилноста на пресудата, со оглед на неговото несоодветно однесување во текот на судскиот процес и опасноста од бегство.
Фетаи побара притвор и за поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков кој е осуден на три години затвор, а кого обвинителката го посочи како иницијатор на упадот во изборниот систем. По три години затворска казна добија и поранешните членови на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев. Лидерот на ДПА Мендух Тачи доби казна затвор од три години и два месеца. Тој единствен од обвинитетите не присуствуиваше на изрекувањето на пресудата. Со исклучок на Ибраими и Мијалков, за другите обвинети Фетаи побара да им бидат изречени мерки за обезбедување, односно редовно да се јавуваат во судот.
Според СЈО, Мијалков како директор на УБК и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го искористил своето реално влијание и моќ и преку Тачи договорил да се усвојат приговорите за прегласување на три избирачки места во Струмица на локалните избори 2013 година.Поништувањето на гласањето, според Фетаи, е егзактна пресметка на ВМРО-ДПМНЕ за тоа колку е потребно за нивниот кандидат да може да оди во втор круг, додека Тачи иако немал законско право го убедил Ибраими да го промени своето мислење и да гласа за приговорите на ВМРО-ДПМНЕ. За возврат, како што појасни Фетаи, членовите на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ требало да гласаат за приговори на ДПА за Чаир. Другите обвинети членови на ДИК, според СЈО, ја злоупотребиле службената положба и не биле во функција на Изборниот законик, туку на партиските интереси.
Одбраната во завршните зборови побара ослободителна пресуда за сите обвинети, посочувајќи дека обвинителството не изнело докази со кои се потврдува делото за кое се теретат. Дополнително адвокатите од одбраната имаа забелешки и на веродостојноста на аудио доказите, за кои како што посочија, биле незаконски стекнати. Посочија и дека обвинението е поднесено од неовластено тужителство, односно е по истекот на периодот од 18 месеци, одреден за поднесување обвиненија од СЈО.
Случајот почна во април минатата година, а претставник на државното правобранителство на едно од рочиштата најави отштетно побарување во висина од 197.574 денари.
Пресуда за „Титаник2“: Затворски казни за Мијалков, Тачи, Ибраими …
Спонзорирано