Покренато обвинение за убиството во Ѓорче Петров

1147

Основното јавно обвинителство – Скопје до Основниот суд Скопје 1 достави обвинителен акт против едно лице поради основано сомнение дека сторил кривично дело „убиство’ од член 123 став 1 од Кривичниот законик.
Како што соопштија од обвинителството, по спроведување сеопфатна истражна постапка, надлежниот јавен обвинител утврдил дека обвинетиот со умисла го лишил од живот Н.Д. од Скопје, на 28 декември минатата година, на улица „Шарпланинска“ во општина Ѓорче Петров. Обвинетиот, пред да го изврши убиството, од домот на неговиот дедо земал ловечката пушка марка „црвена застава – крагуевка“ и ја скрил во грмушки на улица „Шарпланинска“. Потоа му се јавил на сега починатото лице за да му каже дека на возилото „пежо 106“ му се јавил дефект на конкретното место, но дека со себе ги носи неговите 850 евра кои му ги должи. Откако оштетениот пристигнал на договореното место со неговото возило „фолксваген пасат“, сторителот пришол и седнал на совозачкото седиште. Во разговорот кој го воделе, обвинетиот му рекол на сега починатото лице дека парите кои ги носи се во евра и дека треба да ги сменат во менувачница. Пред да заминат, сторителот излегол од возилото и ја оставил вратата од страна на совозачот отворена. Го замолил оштетениот да го почека, при што отишол до грмушките, го зел оружјето од таму се вратил кај возилото и дирекно испукал еден куршум. Вториот смртоносен куршум од оружјето бил испукан во грбот на оштетениот, откако тој направил обид да излезе од возилото.
Едновремено со поднесување на обвинението, надлежниот јавен обвинител до судот достави и посебен предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетиот поради постоење на опасност од криење и бегство.

Спонзорирано