Обвинение за скопјанец што нападнал полицајка

927

Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот суд Скопје 1 поднесе обвинителен предлог против едно лице кое се товари за кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“.

Обвинетиот 25-годишен жител на Скопје, соопшти денеска ОЈО, на 13.02.2019 година, во подземна гаража на улица „Анкарска“, нападнал и телесно повредил едно овластено службено лице – униформирана полициска службеничка.

– Оштетената со уште тројца колеги, униформирани полициски службеници од Полициска станица од општа надлежност Карпош, пристапиле кон проверки на оштетено патничко моторно возило Цитроен Ц3 паркирано во гаражата. Во тој момент од совозачката врата на возилото излегол обвинетиот. Му било наредено на застане, но се обидел да избега, а оштетената за да го задржи го фатила со двете раце за нозете во делот на потколениците. Притоа, тој почнал да ја удира со нозете во пределот на главата и лицето и да ја влече по асфалтот, нанесувајќи и телесни повреди во вид на потрес, отворена рана на главата и нагмечување на главата, се појаснува во соопштението од ОЈО.

Ценејќи дека се уште се исполнети законските основи заради кои на обвинетиот веќе му е определена мерка притвор, се наведува во соопштението, надлежниот јавен обвинител заедно со Обвинителниот предлог до судот достави и предлог за продолжување на притворот.

Спонзорирано