Афера во ФФМ, Ѓорѓиоски осомничен за даночно затајување

1174

Според Финансиската полиција, експретседателот на Фудбалската федерација „свесно и со намера во име и на сметка на ФФМ, прикажал лажни и невистините податоци во завршната сметка за 2017 година

Кривична пријава против експретседателот на Фудбалската федерација на Македонија Илчо Ѓорѓиоски поднесе Управата за Финансиска полиција до Основното јавно обвинителство, поради сомневање за даночно затајување и фалсификување и уништување на деловните книги.

Како што се наведува во соопштението од Финансиската полиција, делата за кои се товари поранешниот претседател на ФФМ се сторени во перидот од 1 јануари 2017 до 27 февруари 2018 година.

Ѓорѓиоски, според Финансиската полиција, „свесно и со намера во име и на сметка на ФФМ, прикажал лажни и невистините податоци во завршната сметка за 2017 година што на 27 февруари 2018 ја поднел до УЈП и Централаниот регистар“.

Делата за кои се сомничи Ѓорѓиоски се дека тој во сметководствената евиденција не извршил отпис на ненаплатени побарувања од купувачите постари од три години и тоа од ликвидиран непостоечки субјект АД „Тобако“ – Скопје во износ од 10.639.293 денари и од АД „Југохром“ – Јегуновце во износ од 6.169.832 денари.

На ваков начин,  како што велат од Финансиската полиција, Ѓорѓиоски ја зголемил даночната основица од непризнаените расходи за даночни цели , за кој износ не пресметал и не платил данок на добивка со што ФФМ остварила противправна корист од 1.680.912 денари.

Од ФФМ реагираат дека не го прекршиле законот. Посочуваат дека веќе подолг период подлежат на координирани инспекциси надзори и контроли од страна на државните органи и институции.

-По однос на наводите од порталите за наводно даночно затајување во износ од 1.680.912 денари, најодговорно тврдиме дека ФФМ секогаш работела и ќе работи согласно Законот за сметководство на непрофитните организации. Овој заклучок го темелиме и од тоа што во изминатиот период, финансиското работење на ФФМ доби позитивни извештаи и од Управата за јавни приходи и од независните ревизори, се наведува во реакцијата.

Реагираше и Ѓорѓиоски, со тврдење дека ја извршувал функцијата чесно и одговорно.

-Во моето работење како претседател на ФФМ секогаш сум постапувал  чесно, посветено и совесно, почитувајќи ги сите законски прописи. Во насока на ова одат и бројните позитивни наоди и записници за даночното работење од страна на УЈП за целиот овој период, каде  што нигде во делот на даночното работење на ФФМ не е утврден ниту прекршок а камо ли криминал, наведува Ѓорѓиоски.

 

Спонзорирано