Чавков доби највисока првостепена казна – 18 години затвор за насилствата во парламентот на 27 април, додека Дурловски е ослободен од обвинение
Вкупно 211 години изнесуваат затворските казни што им ги одреди Кривичниот суд во Скопје на 16 од 17 обвинети во големиот процес за насилствата во парламентот на 27 април 2017 година. Највисока казна од 18 години затвор доби поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, додека оперскиот пејач Игор Дурловски, како еден од организаторите на протестите пред Собранието, е единствен што е осободен од обвинение.
Абдуљфета Алими и Александар Василевски – Нинџа единствени добија казна помали од 10 години, така што треба да одлежат седум, односно осум годни затвор. За седуммина од обвинетите првостепените пресуди се по 15 години затвор, за тројца по 12 години. Вилијам Михајловски е осуден на 14 години затвор, а Оливер Поповски на 13 години. Меѓу најниските е затворската казна за Оливер Радулов- 10 години. Казни од по 15 години добија Митко Пешов, Душко Лазаров, Јане Ченто, Мумир Пепиќ, Горан Ѓошевски – Леви, Никола Митровски – Кољо и Влатко Трајковски. По 12 години затвор треба да одлежат Игор Југ, Младен Додевски и Горанче Анѓеловски.
Обвинителката предложи продолжување на мерката притвор за осудените Чавков, Ченто, Југ, Додевски, Трајковски, поради опасност од бегство. За преостанатите за кои е изречена затворска казна е побарано определување мерка притвор до правосилност на пресудата.
Осудени се за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Судскиот процес почна во август минатата година и е еден од најголемите во поновата македонска историја. На почетокот имаше 33 обвинети, но 15 од нив беа ослободени од гонење, кога беше донесен Законот за амнестија, кој не ги опфаќа организаторите и директните учесници во насилствата во парламентот при изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието.
Предметот го води судијката Добрила Кацарска, а застапник на обвинението е Вилма Русковска. Обвинителството за организиран криминал неодамна отвори и нова истрага за петмина кои се осомничени како организатори на настаните од 27 април: Никола Груевски, Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Никола Бошковски, кои, исто така, се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.