ЗА „ШПАНСКИТЕ СКАЛИ“ СЕ АПСАТ МИЛЕ ЈАНАКИЕСКИ, ПРАВОБРАНИТЕЛ И НОТАРИ

2368

Поранешниот министер Миле Јанакиески, државен правобранител за подрачјето на Град Скопје, неколкумина вработени во Министерството за транспорт и врски и нотари се наоѓаат на долгата листа за приведување поради постоеење на основано сомневање дека сториле злоупотреба на службена должност и овластување и за несовесно работење во службата.
Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја потврдуваат акцијата која се реализира во соработка со Министерството за внатрешни работи, но оттаму се уште не се соопштува за што точно се работи и покрај тоа што неофицијално се споменува злоупотреба на државно земјиште на кое требало да се изградата таканаречените „Шпански скали“.
„По неколку месечна сеопфатна предистражна постапка, денеска по насоки на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се преземаат дејствија за обезбедување на осомничени лица на повеќе локации во Скопје. Меѓу осомничените има поранешни високи функционери, административни службеници и лица кои вршат работи од јавен интерес“, велат од Обвинителството за организиран криминал и за попладневните часови најавуваат повеќе детали за случајот.
Доколку навистина се потврди дека акцијата се однесува на „Шпанските скали“, коишто требаше да се изградат во строгиот центар на Скопје, вредно е да се спомене дека актуелниот градоначалник на Општина Центар, во февруари минатата година, го поништи решението за градба, бидејќи предвидениот рок за градба од две години беше пробиен.

Спонзорирано