Државата изгуби судски спор по тужба за надомест на трошоци

3714

Пресудата на битолска Апелација, со која се одобрува бараниот износ, е прва од таков тип и за нејзиното изрекување најмногу е заслужен е адвокатот Жарко Стеваноски

 

Љубиша Станковиќ

Адвокат, по судски пат, ја „победи“ државата и со правосилна судска пресуда успеа да оствари право на наплата на трошоци во претходно водена постапка. Имено, битолскиот Апелационен суд деновиве ја одби жалбата на тужената страна, односно државата, застапувана преку нејзините институции, и со тоа само ја потврди првостепемата пресуда којашто ја изрече Основниот суд во Прилеп, а со која се задолжува тужената страна да му исплати трошоци во претходно водена кривична постапка.
Согласно правосилната пресуда судот ја задолжува тужената страна да плати трошоци за постапка по предметот КО бр. 888\17 во висина од 30.600 денари и законска затезна камата сметана од 25. октомври 2018 година, во висина на референтната ставка на Народна банка на РСМ што за секое полугодие важела на последниот ден од полугодието што му птретходело на претходното, зголемено за 8 процентни поени, над досуденото е одбиено како неосновано.

Иако се работи за поголем паричен износ од оној којшто првично го признава обвинителството, сепак за адвокатот Жарко Стенаноски е многу поважно тоа што се потврдиле неговите тврдења и што е ова прва ваква пресуда кај нас.
„Ова е прва судска пресуда со ваков правен основ. Се надевам дека ваквата судска пракса ќе им користи на голем број колеги-адвокати, околу начинот на кој можат да ги надоместат трошоците настанати во текот на истрагата, за кои до вчера мораа да ургираат на поинаков начин за нивна исплата од јавното обвинителство“, вели прилепскиот адвокат Жарко Стеваноски .
Приказната која и претходи на пресудите, најпрво на судот во Прилеп од шести јуни оваа година, како и онаа на Апелациониот суд во Битола од крајот на минатиот месец, а на странките доставена деновиве, се случува некаде кон крајот на 2017. година, кога едно лице било осомничено за сторена тешка кражба. Во јуни следната година започнатата кривична истрага финиширала со запирање на постапката против осомничениот, но кога одбрана ја приложила листата на трошоци Јавното обвинителство одлучило да прифати само ден од износот којшто бил наведен. „Наплатата на трошоците на бранителот во текот на истрагата која завршила со запирање на постапката секогаш била проблем во практикување на одредбите од ЗКП кои се однесуваат на трошоци на кривичната постапка. Тоа се должеше пред се на малиот буџет со кој јавното обвинителство на РСМ располагаше низ текот на годините и од осамостојувањето до денес практично ЈО беше приморано селективно да одлучува околу висината на трошоците и времетраењето на постапката за нивна наплата. Интересно е тоа што во постапката е што Државното птавобранмителство на РСМ, како законски застапник на ОЈО, ја застапуваше тезата дека Обвинителството има донесено решение за трошоците на постапката па со донесување на судска пресуда само би се дуплирале извршните исправи за едно исто побарување, занемарувајќи го притоа фактот дека ОЈО не е орган кој може да произведе извршна исправа во смисла на одредбите од Законот за извршување“, вели Стеваноски.

Спонзорирано