Нова истрага за „Рекет“ за пет физички и едно правно лице

    407

    Од обвинителството потврдуваат дека истрагата се однесува на кривични дела измама и перење пари и дека меѓу осомничените има и еден актуелен функционер

     

    Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска отвори истрага за пет физички и едно правно лице, тесно поврзани со Боки 13 и случајот наречен „рекет“. Според обвинителството, кое не ги соопштува имињата на лицата, првоосомничениот сторил продолжено кривично дело измама и и кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело, а останатите лица се сомничат дека помагале во измамата. Имено, тројца од нив се сомничат дека помагале и при извршување на делото перење пари и други приноси од казниво дело, а за измама се товари и правното лице, однопсно таканаречениот „Меѓународен сојуз“.
    „Врз основа на предистражната постапка обвинителот што раководи со постапката, дојде до сознанија што укажуваат дека во периодот од јули 2017 година до април минатата година, првоосомничениот како претседател на осомниченото правно лице, искористувајќи документи од правното лице, довел и одржувал во заблуда двајца управители на две друштва за градежништво. Тој, лажно прикажувајќи дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на центар за возрасни лица и мобилен сервис, а потоа и субвенционирање од страна на државата, од оштетените преку авторска агенција успеал да добие парични средства од 719.905 евра од едното правно лице и 233.821 евра од другото. Останатите осомничени лица со умисла му помагале на првоосомничениот во извршувањето на кривичните дела изготвувајќи договори, подигнувајќи ги уплатените средства и уплаќајќи средства на други правни лица по основ на позајмица или донација“, се вели во соопштението на Обвинителство, но не се спомнува дека се работи за веќе притворениот Бојан Јовановски и фирмите „Пелагонија“ од Битил и „дрим билдинг“ од Струга.
    Според обвинителството едно од осомничените лица, како функционер, заедно со Јовановски, присуствувало на средбите организирани од него. Со присуството на функционерор, всушност, се искористувал нејзиниот углед и авторитет, а пред присутните се оставал впечаток дека зад

    понудените проекти, наводно, стои извршната власт.

    Ценејќи дека се исполнети законските услови за определување на мерки за обезбедување на присуство на осомничените, надлежниот јавен обвинител до судијата на предходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје во текот на денот ќе достави предлог за определување на мерка притвор за едно лице и мерки на претпазливост за останатите осомничени лица.
    Инаку, според најавите, веќе утре ќе треба да биде поднесено обвинение за Бојан Јовановски, Зоран Милески и поранешната шефица на Специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева.