Врховен суд ги отфрли жалбите на Груевски, Поповски и Јанкулоска

1818

Никола Груевски е во бегство, Ѓоко Поповски веќе издржува затворската казна, но со одлуката на Врховниот суд се отвора можност и Гордана Јанкулоска да замине во затвор

Врховниот суд ги одби жалбите на тројцата осудени за набавката на возило „мерцедес“ вредно 600.000 евра, односно за случајот кој во јавноста е познат под името „Тенк“. Станува збор за жалби поднесени од екс-премиерот Никола Груевски, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и нејзиниот помошник Ѓоко Поповски.
„Врховниот суд на Република Северна Македонија ја информира јавноста дека на 17. септември 2020 година, одлучи по предметите заведени под КВПКОК2КВПбр.6/19 и КВПКОК2КВПбр.7/19, кои се оформени по поднесените барања за вонредно преиспитување на правосилна пресуда, поднесени од осудените Никола Груевски, Ѓоко Поповски и Гордана Јанкулоска. Со донесените пресуди Врховниот суд на Република Северна Македонија ги одби поднесените барања на осудените, поднесени лично од нивна страна и преку нивните бранители и ги потврди пресудите на Апелациониот суд Скопје“, се вели во соопштението на Врховниот суд.
Со првостепената пресуда Никола Груевски беше осуден на казна затвор од две, а Ѓоко Поповски, на 6,6 години, но нему Апелациониот суд во Скопје му ја намали казната на четири години затвор, колку што и беше изречена и на Јанкуловска, на која, пак, и се судеше во одвоена судска постапка.
Ѓоко Поповски веќе е на издржување на затворската казна, Никола Груевски, како што е познато е во бегство, но со најновата одлука се отвора можност и Јанкуловска да започне со издржување на затворската казна.

Спонзорирано