Во „Монструм“ се читаа пораки меѓу Груевски и Јанкуловска

930

Со читање на транскрипти од смс и друга комуникација поврзана со петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето за случајот „Монструм“.

Повеќето од смс пораките прочитани на денешното рочиште беа во периодот од 3 до 8 мај 2012 година меѓу тогашни политичари кои биле цел на следење. Комуникацијата е насочена кон тоа како случајот влијае на јавноста, со оглед на чувствителноста на темата. Делови од пораките се однесуваат на тоа како мотивот и причините изнесени од полицијата влијаат во јавноста. Друг дел  пораки се за тоа како апсењата влијаат на албанската заедница и како изјавите во јавноста за случајот може дополнително да наштетат или пак што може да биде доколку во екстрадицијата се вклучи и косовската страна.

Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во смс порака се жали како„ДУИ на сите страни шират лаги за постапувањето на МВР и дека тоа создава големи тензии”. Потоа, на 8 мај 2012 година серија пораки разменуваат Јанкулоска,  поранешниот премиер Никола Груевски, Мартин Протуѓер и Илија Димовски, со иста содржина „Мислам дека некоја организација на жени или МПЦ мора да реагира на ИВЗ, испаѓа дека жените муслиманки дома смеат да чуваат тенкови, а полицијата не им смее ништо”.

Али Ахмети му пишува на Бујар Османи „Зошто се гориш себеси за ‘Монструм’. Те видов вчера и ми беше жал, ти не си голема функција во влада, зошто не избегна да зборуваш за тоа”.

За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.

Спонзорирано