СООБРАЌАЈКИ, КАЗНИ И ЈАВЕН ЛИНЧ

1626

Судството памети десетици пресуди за сообраќајни несреќи во кои на обвинетите им била изречена условна казна, така што онаа од петокот не претставува некакво изненадување.

Ефетктивниот затвор нема да им ја надомести загубата на најблиските на загинатите, но треба да се има в предвид дека осудените ќе продолжат да живеат со мислата дека усмртиле некого

 

Љубиша Станковиќ

Статус, објавен на социјалните мрежи, како да станува парадигма за работата на судовите или на обвинителствата, но за жал, во петокот се уверивме дека и тоа е можно и дека е сосема доволно за да се разбранува јавноста.

Сакам уште веднаш да појаснам дека и јас не поддржувам условни казни за сообраќајни несреќи во кои има загинати, но не поддржувам и јавен линч на осудениот и на судијата кој изрекол условна пресуда!

Да, намерата ми е да проговорам за условната казна којашто ја изрекла судијката Елена Илиевска – Јосифовиќ. Значи, веќе сите знаат дека дотичната судијка донела условна казна за сообраќајка која се случила пред две години и во која едно лице загина, а жена го загубила плодот. Страотен настан, со уште пострашни последици!

Немам намера да коментирам предмет кој ниту ми е познат, ниту сум видел каковбило доказ во него, ама не можам да ја прифатам леснотијата на оние кои глумат некакво сочуство, а збор не кажале кога се случил настанот. Тие тогаш ниту го споменале, ниту го одбележале, ама затоа сега јавно осудуваат условна пресуда.

Бараат линч на осудениот, а лицемерието им оди до таму што не му го знаат ниту името, но знаат дека „има фабрика“?! Која и каква фабрика? Тоа, веројатно, не е ни битно, ама поимот „фабрика“, веројатно треба да асоцира на пари, а парите на поткуп?

Можеби јас не ги разбирам најдобро работите, ама поседување на фабрика не е и не може да биде аргумент за било каков судски процес. Да, може да се зборува за тоа како се случила сообраќајката, дали возачот преминал преку две „полни“ ленти, дали имал алкохол во кртва, дали возел брзо или можеби се обидел да кочи, дали го признал делото и дали чувствува каење за стореното и уште милион други работи, ама кога ќе се исцрпат сите овие моменти може да зборуваме за изречената пресуда како санкција како морална димензија, оти пресуда како таква може да коментира само повисок суд од оној кој што ја изрекол пресудата.

Изрекување на условна казна за сообраќајна несреќа во која има жртва не е ниту нешто ново, ниту нешто непозанато. Такви има на десетици во речиси сите судови во земјава.

Се обидувам, ама нешто не можам да се сетам дека јавноста многу се згрози од условната пресуда која на 20. јуни 2017 година ја изрече Билјана Коцевска, исто така судијка во скопскиот Кривичен суд.

Пресудата од две години затвор која му се заменува за условна казна во траење од пет години судијката Коцевска му ја изрече на лицето Дејан Митревски викан „Урко“. Да, се работи за поранешниот телохранител на поранешниот премиер Никола Груевски.

И тој имаше сообраќајка и во неа имаше имаше загинато лице, но од, мене непознати причини, ретко кој се осуди да зборува, а не пак, да пишува за предметниот настан, но тоа веројатно ја поштеди јавноста „од згрозеност“. Чинам дека стравот беше доволен за да нема лажно згрозени од загинувањето на 22-годишниот Стојанчо Андонов?

Патем, Митревски на судењето ја признал вината! И тоа многу зборува за односот на обвинетото лице! Конечно, признание на вина и каење се земаат за олеснителни околности. Веројатно дека тука има нешто што се нарекува совест.

Случајот на Митревски доаѓа две години по настанот во кој се најде пејачката – готвачката Адријана Алачки. Имено, за настанот кој се случи во октомври 2014 година Алачки беше пријавена како лице кое, на улицата „Френклин Рузвелт“, го прегази Киро Делевски (76), од Скопје.

И за овој немил настан не можам да се сетам дека јавноста нешто посебно се возбуди, ако се има предвид дека на Адријана Алачки и не и се судеше, бидејќи обвинителството, односно обвинителот дошол до заклучок дека таа „постапила согласно сообраќајните правила и прописи и дека кај неа нема елементи на кривично дело што се гони по службена должност“.

Никој не може да ме убеди дека некој влегува во автомобил за некого да прегази. Никој не може негира дека и веќе споменатиот Митревски вртел поликружно преку две линии и дека возел во спротивна насока, но исто така никој не може да ме убеди дека тој имал намера некого да прегази.

Сметам дека секој треба да одговара за она што го направил, но во исто време не поддржувам казни кои, наместо судот, ги носи улицата. На сторитлите треба да им се суди, а санкцијата да произлезе од доказите, но чинам дека на некои од нив и не им треба санкција, бидејќи мислата дека некого усмртиле ќе ги следи цел живот, а од тоа нема поголема казна.

Спонзорирано