Русковска четири часа ја испрашуваше Јанева

1651

Безмалку пет часа траеше распитот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во Обвинителството за организиран криминал и корупција, каде што беше повикана поради нејзина можна поврзаност со скандалот „Рекет“. Откако излезе од Обвинителството, Јанева изјави дека не знае дали  истрагата за овој случај ќе биде проширена и дали таа евентуално ќе биде нова осомничена, покрај досега осомничените Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец.

-Јас не можам да кажам дали истрагата би се проширила и на мене. За тоа ќе ја прашате обвинителката – рече Јанева.

Таа не откри детали за што била испрашувана внатре поради, како што рече,  тајноста на постапката. Одговори само за сомневањата дека ги форматирала своите телефони пред да ѝ бидат одземени по налог на шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска.

-Не е точно дека се изгубени сите три телефони. Изгубен е само третиот, двата се наоѓаат во обвинителството на вештачење – рече Јанева.

Таа нагласи оти не е точно дека ги форматирала телефоните пред да ѝ бидат одземени.

Специјалната обвинителка ниту потврди ниту негираше дека е нејзин гласот на снимката каде што му се обраќа наводно на бизнисменот Орце Камчев. Таа  кажа дека истрагата околу тоа трае и оти не може сега да потврдува или да негира одредени работи што се предмет на истрага.

Јанева пристигна во Обвинителство изутрината околу 10 часот во придружба на адвокатот Стеван Павлески, поранешен државен јавен обвинител. Во кустата изјава,  рече дека очекува нејзиниот исказ да помогне да се забрза истрагата за „Рекет“.

– Јас сум се уште специјален обвинител. Моите колеги имаат целосно овластување да ги застапуваат предметите пред суд. Се надевам дека ќе имаме повеќе разрешници оваа есен. Што се однесува до мојата изјава денеска се надевам дека со моите аргументи и мојата изјава ќе ја забрзам истрагата – изјави Јанева.

Во Обвинителството досега искази дадоа тројца обвинители од СЈО, Лиле Стефанова, Елизабета Јосифоска и Бурим Рустеми. Вчера на распит беше донесен второосмничениот Зоран Милески – Кичеец, кој е во притвор, како и пензионерката Лилјана Тодоровски, која е потписничка на проектот за европски центар на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски – Боки 13.

Катица Јанева и Лиле Стефанова беа спомнати во снимените разговори и видеата што ги објави интернет изданието на италијанскиот весник „Ла Верита“, а во врска со случаите „Рекет“ и „Империја“ на СЈО, во кој, пак, првоосомничен е Камчев.

 

Спонзорирано