Претепувања на жени, осум кражби по станови и уште многу други кривични пријави, но и правосилна пресуда за мобинг со што се исклучува какво било негово шефување било каде и на било што…
Љубиша Станковиќ
Повеќе пати сум почнувал да пишувам за Владимир Панчевски, сега веќе и кандидат на Христијан Мицкоски за шеф на новото јавно обвинителство за организиран криминал и висока корупција, во чиј состав ќе влезе СЈО. И исто толку пати сум се откажувал, бидејќи почитував дека извршува јавна функција и дека има семејство, кое најверојатно и не знае што се крие зад неговиот лик.
И секогаш кога ќе се откажев од понатамошното пишување ќе се покаев, бидејќи Панчевски е сѐ, само не и судија и лице кое заслужува почит!
Имено, опседнат со неговото криминално – удбашко минато, Панчевски од ден на ден е се подрзок и побезобразен. Со години наназад тој шири говор на омраза, лаже и клевети. Извесно време на социјалните мрежи се криеше под името Иван Ивановиќ – Ивкин! Чинам дека „се јавуваше“ од Сингапур? Кога го открија тој продолжи да се крие зад други имиња, само што овој пат се стори жена во неколку наврати! Судија, а лаже? Има тука нешто…
Некој можеби сега ќе рече дека откако е обвинет за злоупотреби на АКМИС-от, односно за делење на десетици предмети на рака на судии за кои проценил дека се „подобни“, Панчевски е малку потсмирен. Но, тоа не е точно, бидејќи зад таа негова фасада се крие истата личност која крева рака на жени или краде по станови!
Насилничко-криминалната кариера на Панчевски почнува уште од времето кога бил малолетник, но за тепањето на жени веројатно не знаат ни неговите најблиски. Тој никаде во својата биографија нема наведено зошто бил избркан од скопското Основно јавно обвинителство! Овој насилник нема да ја спомене кривичната пријава која била поднесена против него. Нема ниту збор за тоа како се случи пријавата да застари, а тој да не одговара? Додуша одговорите на овие прашања ги знаат и некои обвинители….
Да сме нормална земја „кандидатот“ на Мицкоски не само што немаше да биде кандидат, туку нема да биде ни судија, а не треба да се исклучи и можноста тој да биде зад решетки!
Мицкоски мора да знае дека Панчевски е извршител на осум кражби по станови! Мицковски мора да знае дека Владимир Панчевски, во октомври 2005 година, бил пријавен за насилство врз жена!
„Провалничката“ кариера на Панчевски е богата, со оглен на краткиот период на неговите „настапи“!
Тој, заедно со неговиот пријател и „соработник“ Д.Г., почнал со ограбување на станови на 24. мај, а потоа продолжил и на 25. мај, на 26. и на 27. мај 1989 година. На 19. јули истата година, Панчевски ќе влезе во уште еден стан, а на 20. и 21. август ќе прокнижи уште три кражби по станови, исклучиво во центарот на Скопје.
Со оглед на тоа што потекнува од стара комунистичко-удбашка фамилија, сите осум тешки кражби ќе бидат ставени под килим. Тој и неговите ќе издејствуваат сите, ама без исклучок сите пријави, да бидат отфрлени од обвинителството со образложение дека тоа се дела кои „не се гонат по службена должност?“. Е ако провални кражби по станови не се гонат по службена должност, тогаш не знам што треба да се гони со приватна тужба?
За парадоксот да биде уште поголем, Панчевски ќе биде примен во истото тоа обвинителство да волонтира. Додуша подоцна ќе биде избркан поради насилството за кое веќе говорев!
Правничката кариера овој насилник и крадец ќе ја продолжи во некогашната „Агенција за спречување перење пари и финансирање на тероризам“ (сега Финансиска полиција -з.а.) и овој пат, како многу пати пред и потоа, зад него ќе застане брачната двојка која со години наназад го „реформира“ македонското правосудство и тој ќе биде избран за судија-кривичар!
Какво е однесувањето на Панчевски како судија, а подоцна и како претседател на скопкиот Кривичен суд, најдобро можат да кажат оние кои ја имале таа „среќа“ да соработуваат со него. Се разбира тука треба да се исклучи жената којашто тој ја вработи како порпарол, оти нејзе ѝ купи џип.
Малку време пред да замине да работи во кривичниот суд Панчевски ќе се „закити“ со уште една кривична пријава за насилство! Се разбира и овој пат жртвата е жена, а пријавата…
Станува збор за претепување на жена за која, заради заштита на нејзиниот идентитет само ќе кажеме дека е со иницијали В.Н. и дека насилството се случило на први октомври 2005. година. Неколку месеци подоцна кривичната пријава против Панчевски е отфрлена, како што подоцна ќе бидат отфрлени уште неколку други пријави, меѓу кои и кривичната пријава што против „кандидатот на Мицкоски“ ја поднесе и актуелниот претседател на скопскиот кривичен суд Иван Џолев.
За каков профил на човек се работи лесно може да се заклучи само ако се присетиме дека тој се дрзна да надградува катови на зграда, во најстрогиот центар на Скопје, само за да си прошири хотелот којшто го поседува!
Бидејќи Мицкоски го предлага како можна замена за Катица Јанева или наместо Вилма Русковска, тој треба да знае дека ова лице освен што тепа жени и врши кражби по станови има уште една „правна пречка“ поради која не може да биде раководител ниту на живинарска фарма! Имено, Панчевски е правосилно осуден за мобинг! Со самиот факт дека е осуден за мобинг тој не може никому да шефува. Евентуално на Мицкоски…Се разбира, ако тој тоа го посака.
За „делењето на правдата“ на Панчевски има да се пишува во продолженија, но во оваа прилика само ќе спомнам дека лично тој, пред десетина сведоци, го искина решението со кое судијата Јован Лазаревски му изрече мерка притвор на Горан Грујовски! Судијата Лазревски од судот беше изнесен со возило на Итна помош и никогаш повеќе не се врати на работа, Горан Грујовски избега од државата, а Владимир Панчевски се уште е судија!
Имам уште многу да пишувам за овој лик, но засега и ова е доволно за да може Судскиот совет да го разреши, а не да го суспендира, од судиската функција.
Сега на потег е Панчевски со сиот негов гнев и лаги. Го чекам! За да ја дораскажам приказната за него!