ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ НА КАРПОШ И НА БИТОЛА НА РАСПИТ ЗА СЛУЧАЈОТ „РЕКЕТ“

    989

    „Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција испитува лица за кои цени дека со даден исказ можат да помогнат во натамошното утврдување на факти во предметот кој се води против две лица за кривични дела: примање награда за противзаконито влијание и перење пари и други приноси од казниво дело“!
    Вака изгледа дел од официјлното соопштение лиферувано од Јавното обвинителство, а со кое, треба да се информира дека се зборува за двајца градочалници кои биле повикани на распит за осомничените во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски викан Боки 13 и Зоран Милевски викан Кичеец.
    „Во текот на вчерашниот ден, по телефонски повик од јавен обвинител, во обвинителството изјава даде градоначалникот на општина Карпош. Денеска беше повикана и изјава даде градоначалничката на општина Битола. Во интерес на истрагата, обвинителството не е во можност да сподели детали околу содржината на дадените изјави“, се вели во соопштението, во кое не се соопштуваат имињата на градочалникот на скопската Општина Карпош, Стефан Богоев и на Битола, Наташа Петровска.
    „Паралелно, со прибирањето на вербални докази, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во континуитет дава насоки и наредби за вршење и на други истражни дејствија. Вештачењата на прибраниот обемен материјал од извршените претреси е во тек. По наредба на обвинителството се врши и вештачење на содржината на пронајдениот и одземен втор мобилен телефон на јавниот обвинител“, велат од обвинителството и притоа наведуваат дека Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе продолжи со информирање на јавноста за преземените дејствија секојпат кога ќе постојат законски можности и во обем кој не ја попречува истрагата.

    Спонзорирано