Поради застареност отфрлена иницијатива на ДКСК

    2042

    Основното јавно обвинителство во Скопје ја отфрли иницијативата за кривичен прогон, поднесена од Државната комисија за спречување на корупцијата ( ДКСК) за три лица за сторена злоупотреба на службената положба и овластување. Ваквата одлука е донесена поради тоа што дошло до застареност на кривичниот прогон.
    „Пријавата се однесува на објавен оглас за вработување на 30 судски службеници во Основниот суд Скопје 1- Скопје, а за кој Државната комисија за спречување на корупцијата утврдила пропусти при вработувањето на едно лице на позицијата помлад судски соработник. Меѓутоа, јавниот обвинител по приемот на иницијативата за кривично гонење на тогашниот претседател на Судот, претседателот на Комисијата за избор и прием на кандидати на огласот и на судскиот администратор, оцени дека постојат околности што го исклучуваат кривичното гонење – застареност“, се вели во соопштението на обвинителството и приоа се појаснува дека „постапката за вработување целосно била завршена во мај 2015 година. За кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.1 од Кривичниот законик, законодавецот предвидел казна затвор од 6 месеци до 3 години, а согласно чл.107 ст.1 т.5 од Кривичниот законик, кривичното гонење не може да се преземе, ако поминат три години од извршувањето на кривичното дело за кое според законот може да се изрече затворска казна над една година“.
    Со оглед на тоа што застареноста на прогонот настапил во мај минатата година, иницијативата на ДКСК е беспредметна, бидејќи таа до скопското обвинителство била поднесена во јуни оваа година.

    Спонзорирано