Пронајден е и вториот мобилен телефон на Катица Јанева!

2637

По дадени насоки на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во текот на вчерашниот ден е пронајден вториот мобилен телефон на јавниот обвинител по кој се трагаше.
По издавање на првата наредба за одземање на мобилните телефони, беше пронајден само еден мобилен телефон и беше дадена информација дека вториот мобилен телефон бил изгубен.
„Обвинителството со издадено барање до мобилните оператори за следење на IMEI- меѓународен идентитет на мобилна опрема на телефонот, го пронајде мобилниот телефон кај друго лице. По што, со наредба на судија на претходна постапка телефонот е одземен. Притоа лицето изјави дека телефонот е добиен на подарок“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во континуитет ги преземеа сите дејствија и мерки во насока на целосно расчистување на кривично правниот предмет. Со цел утврдување на натамошни факти, мобилниот телефон по наредба на обвинителството ќе биде предмет на вештачење. Истовремено, обвинителството испитува дали вториот мобилен телефон бил средство на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.
За овој мобилен телефон Катица Јанева рече дека највероијатно го изгубила, а нејзиниот син, инаку вработен како директор на маркетинг службата на „1 ТВ“, кажа дека телефонот бил изгубен во Белград.
Обвинителката Катица Јанева е еден од главните протагонисти во случајот наречен „Рекет“, а во кој како осомничени засега се водат Бојан Јовановски викан Боки 13 и Зоран Милевски викан Зоки Кичеец. Двајцата споменати се сомничат дека само за ваќање на пасошор од Орце Камчев добиле 1,5 милион евра, но дека за запирање на постапката за предметот „Империја“ се барале и се оговарале осум милиони евра.

Спонзорирано