Притвор за тројца Пакистанци и еден од Македонија кои малтретирале мигранти

1238

Oбвинител од „организиран криминал“ донесе наредба за спроведување на истражна постапка против четири лица – еден македонски и тројца пакистански државјани. Тие  се осомничени дека како соизвршители сториле кривично дело „криумчарење мигранти“.

Кон крајот на октомври и почетокот на ноември, осомничените, по претходен договор, прифаќале мигранти и ги сместувале во куќата на осомничениот македонски државјанин. Кога мигрантите ќе посакале да си заминат, осомничените Пакистанци, со намера да извлечат дополнително пари од мигрантите, постапувале понижувачки и сурово кон нив. Тие ги принудувале жртвите телефонски да стапат во контакт со свои роднини кои веќе биле заминати во западноевропските земји и да бараат да им префрлат пари на сметки што осомничените им ги посочувале. Ако за определено време не биле испратени парите, жртвите биле тепани и малтретирани со палки и шипки.

На ваков начин осомничените постапиле и кон две лица со индиско потекло. Тие вознемирени и со плачење се јавиле на свој пријател во Белград и побарале да уплати на сметка по 1.300 евра за секој од нив, за да им биде овозможено понатаму да ја продолжат рутата. Пријателот веднаш случајот го пријавил во српската полиција. По добиената информација од  институциите во Србија, вечерта на 1 ноември, македонските полициски службеници спровеле акција во с. Ваксинце. Во куќата на првоосомничениот, каде во нечовечки услови со денови биле затворени мигрантите, при претрес се пронајдени првоосомничениот и дванаесет мигранти од кои две се малолетни лица, а тројца се препознаени како сторители на кривичното дело. Десетина лица – мигранти избегале непосредно пред полициската акција.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје, достави предлог за определување притвор за сите осомничени. Судијата го прифати предлогот и на тројца осомничени им определи притвор во траење од 30 дена, а за еден осомничен е определен куќен притвор.​

Спонзорирано