Обвинителството да покрене истрага за судија и обвинител за бегството на Спасов

2278

Според министерот Оливер Спасовски, надлежните судија и обвинител треба да одговорат врз основа на кои проценки донеле одлука за прекин на издржувањето на затворската казна за поранешниот специјалец во МВР кој е осуден за убиството на Мартин Нешковски

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека во однос на бегството на Игор Спасов клучно е да се расчисти врз основа на кои проценки е дозволен прекин, со судска одлука, на издржувањето на казна затвор.

– Сите разговараме за тоа како сега ќе го решиме проблемот откако тој ја напуштил државата. Мора да одговори и обвинителот и судијата, и за тоа треба да се сноси одговорност,  врз основа на кои проценки е дозволено да му се направи прекин со судска одлука на издржувањето на казна затвор – изјави Спасовски. 

Посочи дека за такви прекини на издржувањето на казната затвор се известуваат веројатно Агенцијата за извршување санкции и казнено – поправните установи. Ние, подвлече, како МВР не добиваме такви информации, а не се ниту задолжени да нѐ информираат.

– Ние дознаваме во моментот кога тие бараат да го пронајдеме.Тоа покажува колку овој систем е нефункционален, па би рекол можеби и корумпиран, затоа што јас не знам од кој аспект се цени на одредена личност да и биде дозволен прекин на казна – рече Спасовски.

Тој упатил апел до сите институции сериозно и одговорно да ги разберат пораките од јавноста дека правдата мора да ја постигнеме сите заедно.

– Правдата не може да биде една институција. Кога говорам, говорам со факти, не може еден ден да ги апси МВР, да спроведува истраги, да води предистражни постапки, за утредента да ги видиме на слобода заради тоа што некој судија или обвинител одлучил на таков начин. Разбирам дека притворот не смее да биде казна, разбирам дека постојат низа мерки што може да се изрекуваат, меѓутоа мора да биде во остварувањето на интересот на државата и на граѓаните – нагласи Спасовски.

Прашан дали во судството е потребен ветинг, Спасовски дециден дека во судството е потребен и ветинг и кривична одговорност.

– За вакви случаи јавниот обвинител треба да покрене истрага против некој судија и против некој обвинител и да се докаже што е поврзаност во однос на ваквите случаи. Дали има врска помеѓу оној што е осуден, помеѓу лекарите кои тоа го прават, дали има врска помеѓу обвинителот и судијата итн… Конечно ваквите работи мора да се расчистуваат ако сакаме навистина да имаме држава што ќе ги остварува првичните интереси, а тоа е да имаме правда во државата – рече министерот Спасовски.

Поранешниот специјалец во МВР Спасов е осуден на казна затвор од 14 години за убиството на Мартин Нешковски,  кое се случи вечерта по прославата на ВМРО-ДПМНЕ на победата на парламетарните избори во 2011 година. Затворската казна му беше во прекин поради здравствени проблеми. Тој требаше да се врати во затворот на 18 октомври. Спасов од минатиот понеделникот се бараше на територија на државата, но откако истражните органи не го пронајдоа и немаа никаква дојава за него, од минатиот вторник доцна попладнето МВР распиша меѓународна потерница по него.

Спонзорирано