Осум лица осомничени дека незаконски приватизирале државно земјиште и непосточеки објект

1825

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција веќе има донесено наредба за отпочнување на кривична истраа за осум лица за кривично дело: злоупотреба на службена положба и овластување.
Имено, како што потврдуваат од Обвинителството се заочнало кон крајот на август 2011 година кога сега првоосомничениот, како претседател на спортско здружение од Тетово, со намера противправно да се изврши упис на право на сопственост, поднесувајќи лажни докази, започнал постапка за легализација. На барањето за утврдување на правен статус на непостоечки објект, до Општина Тетово, тој приложил нотарски заверена изјава во која лажно изјавил дека станува збор за објект изграден уште во 1995 година, како и геодетски елаборат изготвен од второосомичениот, а во кој е прикажан непостоечкиот објект во површина од 122 метри квадратни.

На почетокот на 2012 година, а постапувајќи по поднесеното барање, двајца од сега осомничените, како членови на надлежната Комисија, извршиле увид на лице место и притоа изготвиле записник во кој било внесен невистинит податок, односно дека на парцелата постои бесправно изграден објект и којшто претставува градежна и функционална целина. Подоцна, третоосомничениот, со искористување на својата службена положба и овластување, иако знаел дека постојат правни пречки за издавање на урбанистичка согласност и продолжување на постапка за утврдување на правен статус за непостоечки бесправно изграден објект, изготвил и потпишал Урбанистичка согласност на име на непостоечко правно лице, со оглед на тоа што правниот наследник на спортското здружение е регистриран во Централниот регистар три месеци по донесување на согласноста. Тој во декември 2012 изготвил и потпишал решение за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект.

Во меѓувреме, кога постапката за легализација се уште не била завршена со правосилен акт, шестоосомничениот во својство на управител на Друштвото за спортски активности, со намера да прибави противправна имотна корист за правното лице, поднел барање за откуп на градежно земјиште коешто било во државна сопственост. Со барањето тој приложил извод од Деталниот урбанистички план (ДУП) кој, пак, по негово барање, бил изготвен противзаконски од третоосомничениот.
Постапувајќи по барањето за приватизација, административен службеник е осомничен дека извршил увид на предметната парцела и со искористување на својата положба и овластување изготвил записник, во кој внел невистинити податоци, по што предметот го доставил на натамошно постапување. По добивање на записникот, осмоосомничениот наместо да го одбие заради неисполнување на законските услови за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост, без извод од урбанистички план и без донесен ДУП, тој изготвил решение за приватизација на градежното земјиште.
На овој начин осомничените овозможиле правното лице да се стекне со право на сопственост на градежно земјиште со површина од 4.410 метри квадратни, откупувајќи го по цена од 43 денари за метар квадратен или во вкупна вредност од 188.307 денари. Всушност со откупот од три илјади евра на државата и била нанесена штета на буџетот во висина од 52.920.000 денари или за повеќе од 860.000 евра.
Јавниот обвинител кој постапува во овој предметот до Судија на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за шест осомничени, како и мерки на претпазливост за две осомничени лица.

Спонзорирано