ОСУДЕНИ И ПОСЛЕДНИТЕ ДВАЈЦА ЗА ЛАБОРАТОРИЈАТА ЗА АМФЕТАМИНИ

1410

Судот за последните двајца обвинети во предметот за најголемата лабораторија за производство на синтетички дроги во Југоисточна Европа изрече затворски казни од осум, односно четири години затвор. Основниот суд Скопје 1 – Скопје денеска ги објави осудителните пресуди за преостанатите двајца обвинети во предметот за најголемата лабораторија за производство на синтетички дроги во Југоисточна Европа, а по поднесено обвинение за сторено кривично дело: неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори од чл.215 ст.3 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик. Судот, на обвинетиот С.Ш. му изрече казна затвор во траење од осум години, а на обвинетиот А.Х. казна затвор во траење од четири години. По објавата на пресудата, надлежниот јавен обвинител предложи мерката притвор за двајцата обвинети да биде продолжена до правосилност на пресудата, но судот донесе решение со кое мерката притвор ја продолжи само за првоосудениот, а А.Х. е донесено решениое со кое мерката се укинува. Пред точно една година, односно во мај 2018. година, по повеќемесечната истрага и со примена на меѓународна правна соработка на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со Јавното обвинителство за организиран криминал во Република Србија, до скопскиот кривичен суд беше поднесен обвинителен акт за двајца српски и петмина македонски државјани. Ним им се ставаше на товар дека сториле кривично дело: неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, а еден од нив беше обвинет и за недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи. „Обвинетите како меѓународна организирана криминална група во двете држави неовластено купувале, држеле, пренесувале и посредувале во продажба и купување на психотропни супстанции и прекурзори, како и опрема и материјали наменети за производство на психотропна супстанца-афетамин. Дел од набавените материјали, супстанции и прекурзори, ги сместиле во објект во село Батинци, а дел во објект во Тетово каде инсталирале функционално техничко-технолошка целина во која започнале процес на преработка на различните материи, супстанции и прекурзори и производство на амфетамин“, велат од Обнинителството и појаснуваат дека „во септември минатата година, Основниот суд Скопје 1-Скопје, по дадени изјави за признание на вина на дел од обвинетите, донесе пресуда со која беа осудени на казна затвор и тоа: М.З. во траење од 11 години, С.К. на девет години, И.Ш. и З.Д. на по седум и А.М., за двете дела, на четири години затвор“. По жалба на Јавното обвинителство, по однос на висината на изречените казни затвор, второстепениот суд за обвинетиот М.З. казната затвор ја зголеми на 13 години, на С.К. на 11 години, а за А.М., за двете дела, на единствена казна, затвор во траење од шест години, додека за обвинетите И.Ш. и З.Д ги потврди веќе изречените казни.

Спонзорирано