ОЈОГОКК: Парите за „ТЕ-ТО“ не се переле, туку се инвестирале во производство на струја

    578

    Обвинителството цени дека нема перење пари се додека не се утврди предикативно кривично дело, односно законски забрането дејствие кое е или мора да биде содржано во друго кривично дело

    Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, по проучување на наводите, го раздвои постапувањето по кривичната пријава од Министерството за финансии, Управа за финансиска полиција поднесена на 19. минатиот месец, против шест физички и едно правно лице, односно против Друштво за производство на електрична и топлинска енергија „ТЕ-ТО“, АД Скопје.
    „Според наводите од пријавата тројца осомничени се товарат за кривично дело: перење пари и други приноси од казнено дело, другите тројца за кривично дело: злоупотреба на службена положба и овластување. Освен за злоупотреба на службената положба и овластување еден од осомничените, како и правното лице се пријавени и за кривично дело: лажен стечај“, се вели во соопштението лиферувано од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, од каде и појаснуваат дека „по сеопфатна анализа и проучување на наводите, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе одлука со која кривичната пријава во дел е доставена на натамошно надлежно постапување во Основното јавно обвинителство – Скопје, а во другиот дел е издадена наредба за претходно прибирање на известувања до Управата за финансиска полиција за прибавување потребни материјални докази како потврда на наводите“.
    Имено, во кривичната пријава е наведено дека тројца од осомничените со пречекорување на нивните службени овластувања, секој во рамки на своето постапување, предизвикале несолвентност на пријавеното правно лице. Без соодветна одлука на Управниот и Надзорниот одбор или од Собранието на акционерите, неовластено биле склучени анекси на договори за заем, нотарски спогодби и е поднесено барање за отворање на стечајна постапка со план за реорганизација во име на „ТЕ-ТО“. Подоцна било донесено решение за усвојување на предлогот за отворање стечајна постапка. Воедно, биле заверени анекси на договори за заем и нотарски спогодби со извршни клаузули, со што е овозможено пријавеното правно лице да се стекне со противправна имотна корист, а на „Топлификација АД Скопје“ – доверител на правното лице е нанесена штета од 721.683.587 денари.
    „Обвинителството оцени дека кривичните дела кои им се ставаат на товар на овие пријавени лица не се во надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поради што кривичната пријава во овој дел ја достави до Основното јавно обвинителство Скопје заради натамошно стварно и месно надлежно постапување“, велат од обвинителството за организиран криминал и корупција.
    Во продолжение на поднесената кривична пријава се опфатени уште три лица со наводи дека како одговорни лица во пријавеното правно лице, во периодот од 2005 до 2013 година, овозможиле финансиски трансакции кон пријавеното правно лице во износ од 7.964.250.000 денари, кои парични средства потекнувале од кривично правен настан за кој се водела кривична истрага во Руската Федерација. Парите биле вложени во производствениот процес за електрична енергија, поради што постоело основано сомнение за сторено кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело.
    Во врска со ваквите наводи Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција издало наредба за прибирање известување до Управата за финансиска полиција, заради прибавување докази кои во кривичната пријава недостасуваат. Меѓу другото, пријавата не содржи докази со кои се поткрепуваат наводите дека се води или се водела кривична истрага во Руската Федерација, а со кои докази се утврдува постоењето на предикативно кривично дело, односно законски забрането дејствие кое е или мора да биде содржано во друго кривично дело. Оттука нема услови за кривично гонење за перење пари, додека не се утврди предикативното кривично дело.

     

    Спонзорирано