Обвинение за вработени во УБК кои ја оштетиле државата за 50 милиони денари

727

По сеопфатна истражна постапка, отворена во март годинава, Jавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, до Основниот кривичен суд Скопје 1 – Скопје, поднел обвинителен акт против четири лица за сторено кривично дело: злоупотреба на службената положба и овластување, а еден од нив се товари за помагање во извршувањето на истото кривично дело.
„Обвинетите, како службени лица вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање при Министерството за внатрешни работи, во временскиот период од 25. јануари 2007 година до 30. мај 2017 година, постапиле спротивно на член 7 став 1 и член 12 од ‘Упатството за користење на средства за посебна намена на УБК’. Во наведениот временски период, во 172 наврати, за потребите на касата за исплата на средствата за посебни намени на УБК, од Одделот за финансии при Министерството за внатрешни работи, подигнале парични средства за кои поднесувале барања и стални признаници за износите што ги подигнувале. Притоа, без да имаат посебно одобрение од директорот на Управата, без да биде формирана Комисија за ништење на материјална документација и без записници, ги уништиле евиденциите за потрошените средства заедно со документацијата за исплата- ‘Главните книги за евиденција’“, се вели во официјалното соопштение на обвинителтвото од каде и потвреда дека сега обвинетите го оштетиле државниот буџет за 50.670.000 денари или за околу 800.000 евра. Поради постоење на основано сомневање дека доколку обвинетите се пуштат да се бранат од слобода може да се дадат во бегство, односно нема да бидат достапни на органите на прогон, особено ако се земе предвид кривичното дело што им се става на товар, надлежниот обвинител заедно со обвинителниот акт, достави и посебен предлог мерката притвор определена од судија на претходна постапка да се продолжи против тројца обвинети.