Обвинение за Мими Ѓорговска-Илиевска за серија која никогаш не е снимена

5133

Поранешната директорка на Агенцијата за филм се товари за исплата на 68 милиони денари или нешто повеќе од 1,1 милиони евра, на „Јадран филм“ кој, пак, требал да сними играна серија, од четири сезони, насловена како „Македонија“

Скопското Основното јавно обвинителство поднесе обвинителен акт за екс директорката на Агенцијата за филм, Мими Ѓорговска-Илиевска за сторено кривично дело: злоупотреба на службена положба и овластување, односно за исплата на нешто повеќе од 1,1 милиони евра за серија која никогаш не е снимена.
Имено, сега обвинетата се товари дека како директор на државната Агенцијата за филм, во периодот од 21. јануари 2016 до 14. јуни следната година, со пречекорување на границите на нејзиното службено овластување, за правното лице „Јадран Филм ДООЕЛ Скопје“, прибавила имотна корист од 68.000.000 денари. Ѓорговска-Илиевска, спротивно на член 18 од Законот за филмска дејност, таа незаконито раководела со постапката за избор, исплата на одобрени парични средства и надзор над производството на филмски проект – играна серија од четири сезони, со наслов „Македонија“.
„По објавен конкурс за финансирање проекти од национален интерес, на 21. јануари 2016 година, обвинетата дала предлог за избор на проектот ‘Македонија’, а ваквиот предлог бил прифатен од Управниот одбор на Агенцијата за филм. На 10. февруари истата година таа склучила договор со правното лице Јадран Филм ДООЕЛ Скопје за финансирање на проектот, во износ од 283.000.000 денари без да обезбеди банкарска гаранција во висина од 25 отсто од износот на одобрени средства. Притоа, не биле приложени ниту потврда за обезбедени сопствени парични средства на Јадран Филм, во износ од 17.988.750 денари, детален буџетски приказ со спецификација на планирани средства за реализација на секоја ставка по цена, количина и број, разработен план за снимање на серијата со наведено времетраење и локација, а не постоел ниту доказ за успешност, односно претходно продуцирани филмови од наведеното правно лице. Договорот бил склучен само врз основа на приложен концепт за серија наместо изготвено сценарио“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.
Сега обвинетата, на 26. октомври 2016 година, обвинетата склучила анекс-договор со кој го намалила бројот на епизоди во првата сезона од 25 на 14 епизоди, а веќе следниот ден, без претходно одобрение од Управниот одбор, склучила втор анекс-договор со кој дозволила однапред да се изврши исплатата на одобрени средства за првите две фази од првата сезона на проектот во износ од 68.000.000 денари, иако била обврзана исплатата да ја врши за секоја фаза одделно врз основа на претходно доставен и одобрен извештај за наменски потрошени средства со доказ за извршени исплати.
На 23. ноември обвинетата дала налог за исплата на парите, иако знаела дека „Јадран Филм“ не се држел до договорот, односно не создал услови за отпочнување на снимањето, не ангажирал директор на фотографија, актери, монтажер, костимограф, сценограф, опрема за снимање и камермани. На 14. јуни следната година, при постоење на истите околности, а по претходна одлука на Управниот одбор, таа склучила трет анекс-договор со кој го продолжила времетраењето за производството на првата сезона и со тоа и нанела значителна имотна штета на Агенцијата за филм.
Од обвинителството потсетуваат дека истрагата за овој случај ја водеше Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, а скопското обвинителствто извршило дополнителен распит на осомничената. Инаку, за Ѓорговска-Илиевска и претходно беше поднесувана пријава за злоупотреба на службената положба, а со нејзиниот колега Дарко Башевски (54) се сомничеше дека го оштетиле државниот буџет за повеќе од 600.000 евра.

Спонзорирано