Борче Трајковски
Ако сите води водат кон тоа, еден сериозен сомнеж за криминал да се заштити со друг, во случајов корупциско – рекетарски скандал, тогаш државата може слободно да ја прогласиме за тешка криминогена вукојебина, за криминален рај, за Макао во шеесетите и седумдесетите, за сигурно прибежиште на големите криминалци прогонети од матичните држави, да се прогласиме за сива зона во која правдата за помалите ја носат поголемите криминалци, без пукотници, без убиства, без пролеана крв. Доволно е да ангажирате новинари. И уште нешто, на овој пат до “правдата “, не стануваме сигурно место само за оние криминалци од домашно “производство“, туку, јавно ги повикуваме и оние од надвор. На огромни билборди пред влезовите на државата ќе пишува “Добродојдовте во Република Северна Македонија, кримоси! Овде никој ништо не ви може!“
Ништо чудо и да ги вратиме одметнатите, веќе осудени, да ги ослободиме сите осомничени и првостепено осудени, да ги амнестираме сомнителните моќници, сите да се претвориме во Јово Превара, и однапред да ги затвараме тешките сомнежи во “Империи “и стотина други слични предмети покренати во СЈО, како скапо платени празни зборови на хартија, со кои, откако ќе се испосереме пред сопствените прагови, ќе си ги забришеме газовите…
Не се согласувам со тезата дека СЈО сам се руши. Напротив. Сомнежот за можна корумпираност на првиот човек во таа институција, доколку тоа се докаже во транспарентна судска постапка, никако не смее да остане неказнет. Впрочем, и самата Катица Јанева во оставката, јасно напоменува дека не сака нејзиното име да биде алиби за нечии политички поени, кои, одат во интерес на заштита на осомничени криминалци, и анти евро интеграциите. Дури, очекувам, дека истата, после овој скандал, ќе ни се обрати со истата порака, дека, “мајката“, нема да дозволи нејзиното име да му наштети на авторитетот, интегритетот и судбината на нејзиното “чедо“, СЈО, во кое, има исклучително чесни и вистински воини за правда, дека, додека не се докаже вистината во оваа афера, ќе остане на страна. Ова го очекувам. Тоа би ѝ личело. Но, кој всушност и на каков начин се обидува да го урне СЈО со оваа корупциска афера, се прашања на кои, меѓудругите, ќе мора да одговорат, Русковска, државата, УЈП, МВР и финансовата полиција, со сите свои сведоци, сега јавно прогласени за жртви затоа што понудиле 1,5 милион евра кеш, и плус се прогласени за херои кои се одважиле да го пријават рекетот, осомничени “херои“, за кои во СЈО се водат сериозни истраги за сторен милионски криминал?
Ако немало обележани пари (Русковска), кој ќе го даде одговорот на прашањето, од каде се тие пари? Имено, сведоци сме на повеќемесечен концентриран напад врз СЈО и врз владата, предводен од поранешен главен и одговорен уредник, кој, страстно, од грчките плажи, ги лепи пердувите на газот за наводниот успех на вистинитоста од фикциските приказни, со кои, намерно и свесно си го заштитуваше токму него, газот, пред сето ова да го обзнанат релевантни иснтитуции, а замислете, го знаевме сите други, сите трубевме со години за тоа, (тој така пишуваше), за на крај, понесен од восхитот на првичниот “триумф“, самиот да се издаде објавувајќи дезинформација, која не наведува на ништо друго, туку на оркестрирана “Мериот“ команда преку насловот, “Се врши претрес кај обвинителката Катица Јанева“, а малку подоцна, настапува со наслов “Полицијата врши претрес во станот на обвинителката Лиле Стефанова“, а само малку претходно, во друг наслов, сведокот, жртвата на рекетот, инаку прв осомничен во “Империја“ го прогласува за херој пред за тоа да се изјаснат судовите. Лешперот, едните ги обвинува со сласт, другите ги амнестриа со лезет. Се отвара ли овде друг сомнеж, заради многу едноставна лаичка констатација, дека, уредникот, најверојатно во спрега со моќникот, го одбрал начинот да го заштити истиот, со компромитација на првиот човек на СЈО во корупциска афера, не за да ја тргне Катица од челото на СЈО, (ако играла според сомнежите, токму тие би се бореле да ја задржат таму), туку, да го сруши кредибилитетот на целото СЈО, за да го урне, да не постои, да нема кој да ги гони осомничените од стотиците илјади прислушкувани разговори? Да не заборавиме. Паролата на СЈО е јасна и недвосмислена, тоа го слушнавме вчера и од обвинителката Ленче, дури и да се докаже замешаноста на првиот човек на истата, дури и некој во иднина да се обидува да покажува “лепливи прсти“ во таа фела и во таа институција, вика вака: “И ќе вратат и ќе платат“- Викај се како сакаш, и биди кој сакаш, правдата мора да биде достижна, достапна и еднаква за сите, или нема да не’ биде како држава“. Таа парола во ова СЈО нема никој да може да ја избрише. Освен, ако се предаваме пред сценаристите моќници, кои, имаат намера да ја претвориме државава во реплика на Макао виа Македонија…