ОБВИНИТЕЛСТВОТО СО РЕАКЦИЈА ПОРАДИ НЕТОЧНОСТИ ПОВРЗАНИ СО СЛУЧАЈОТ НА „БОКИ 13”

    1022

    Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција најостро ги осудува написите што се појавија во дел од медиумите кои, повикувајќи се на извори од обвинителството, шират шпекулации за наводно проширување на истрагата и за содржина на одземените материјални докази во предметот за примање награда за противзаконито влијание.
    Обвинителството ја известува јавноста дека само официјално објавените соопштенија на веб страницата на обвинителството и дадените изјави на обвинителите се веродостоен извор на информации во врска со овој предмет. Истражната постапка е штотуку отворена и во моментов не може да стане збор за проширување на истата, но не е исклучена можноста доколку при истрагата се дојде до релевантни докази истата да биде проширена.
    Воедно, како што веќе информиравме, при синоќешните претреси се одземени повеќе компјутери, УСБ стикови, телефони и мемориски картички. Согласно законските процедури при одземање на ваков вид на предмети истите се запечатуваат и со наредба на јавен обвинител се доставуваат на вештачење. Вештачењето е процедура што бара време и посветеност и во моментов не може да се говори за содржината на одземените материјали.
    Во интерес на истражната постапка и спречување на шпекулациите во јавноста, обвинителството останува отворено за споделување на веродостојни информации онолку колку што дозволува истрагата.

    Спонзорирано