Кочан мора веднаш да оди во затвор

395

Кривичниот совет при Кривичен суд – Скопје ја одби жалбата на  бизнисменот Сеад Кочан како неоснована и го потврди решението на судијата за извршување санкции, според кое осуденото лице е должно веднаш да се јави на издржување на затворската казна.

-Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје, постапувајќи по жалба изјавена против решение на судија за извршување санкции со кое се одбива барањето за одлагање на извршување на затворската казна на еден од правосилно осудените лица во предметот со К.бр. 1459/17 од обвинителството означен како „Труст“, по добивање на целокупната документација поврзана со жалбата, на 26.07.2019 година одржа нејавна седница, се наведува во соопштението од Судот.

По разгледување и ценење на жалбата, како што стои во соопштението, Советот донел решение со кое жалбата ја одбил како неоснована и го потврдил решението на судијата за извршување санкции, според кое, осуденото лице е должно веднаш да се јави на издржување на затворската казна, а одлуката на советот е писмено изработена и експедирана до странките.

Со првостепената одлука за предметот „Труст“ Кочан беше осуден на шест години затвор, а Апелацискиот суд Скопје во март годинава ја намал казнатаи на четири години и осум месеци. Кочан беше осуден за манипулации околу добивање тендер од ЕЛЕМ од 17 милиони евра.