КАТИЦА ЈАНЕВА ОСОМНИЧЕНА ЗА ЗЛОУПОТРЕБА, ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ПРИТВОР!

1607

Непосредно пред да биде спроведена пред судија на претходна постапка Јанева беше однесена во СЈО, од каде е одземен нејзиниот компјутер, а бил извршен и претрес во нејзиниот дом во Гевгелија

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева е трета по ред осомничена за сторена злоупотреба на службена положба и овластување во предметот наречен „Рекет“. Потврда за замешаноста на Јанева, во изнудување на милионски суми евра од осомничениот Јордан Камчев, дојде од државниот јавен обвинител Љубомир Јовески и од шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.
Според зборовите на Јавниот обвинител на РСМ, Љубомир Јовески, Јанева ја злоупотребила својата службената положба со тоа што преку Бојан Јовановски алиас Боки 13 и Зоран Милески викан Кичеец издејствувала на бизнисменот Орце Камчев да му биде укината мерката притвор, мерката куќен притвор и да му биде вратен пасошот иако тој е првоосомничен во предметот наречен „Империја“. Јовески ја обвини својата колешка дека се стекнала со имотна корист во висина од 298.000 денари, односно дека за оваа сума, главно бил набавуван мебел, но и други предмети.
„Од обезбедените докази се утврди дека јавниот обвинител ја искористил својата службена положба и овластување кои ги има по Законот за Специјалното јавно обвинителство и одредбите од Законот за кривичната постапка и за себе и за други лица прибавил имотна корист во значителен износ. Од ноември 2018 до април оваа година еден од осомничените во оваа истрага, со искористување на своето претпоставено влијание врз јавниот обвинител, преку претходно воспоставени пријателски односи, влијаел да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши. Откако осомничениот јавен обвинител донел Наредба за спроведување на истражна постапка против повеќе лица во предметот со работен наслов ‘Империја’ влијаел на едно од лицата против кои се водела истрагата, да му се олесни неговата положба во таа постапка со укинување на мерката притвор и да му се определи поблага мерка-куќен притвор, да му се даде својство на заштитен сведок и со наредба да се запре истражната постапка или да се склучи со него предлог-спогодба за вина за полесни кривични дела и да плати незначителен износ на штета и да му се укине мерката на претпазливост-привремено одземање на неговите патни исправи“, рече Јавниот обвинител Јовески и додаде: „Со повеќе преземени дејствија двајцата осомничени за да го убедат осомничениот од предметот ‘Империја’ во влијанието кое едно од лицата против кои се води истрагата го има врз јавниот обвинител, во повеќето средби телефонски преку спикерфон разговарале со јавниот обвинител и по разговорите и средбите, откако осомничениот во случајот „Империја“ и неговата сопруга биле уверени во влијанието, двете лица против кои се води истрагата, од овој осомничен барале 8 милиони евра за олеснување на неговата положба и на 20. февруари 2019 година двајцата дошле во домот на осомничениот во предметот ‘Империја’ и од него зеле торба марка ‘Луј Витон’“ со еден милион евра, а претходно, додека осомничениот бил во притвор, од неговата сопруга зеле 500.000 евра. Потоа, во периодот март-април оваа година, по предлог на јавниот обвинител, судот привремено одземените патни исправи му ги вратил на осомничениот од предметот ‘Империја’. Јавниот обвинител со тоа што при неизменети околности по кои бил определен и продолжен притворот и непосредно потоа дал предлог тој да се укине и да се замени со поблага мерка-куќен притвор, а потоа дал и предлог привремено одземените патни исправи да му се вратат на осомничениот, а понатаму да ја олесни неговата положба во таа истражна постапка со тоа што тој ќе добие својство на заштитен сведок и ќе ја запре постапката или да склучи со него предлог-спогодба за вина за полесни кривични дела и да плати незначителен износ на штета, ја искористил својата службена положба и овластувања, кои ги има согласно законите и за себе и за двајцата осомничени, против кои се води истрагата, прибавил имотна корист во значителен износ, и тоа за себе предмети-мебел во износ од 298.000 денари, кои за јавниот обвинител ги набавил еден од осомничените, а за двајцата осомничени прибавил имотна корист од 1.500.000 евра.
Всушност, специјалната обвинителка Јанева требало да му ја олесни положбата на Камчев со тоа што притворот му го заменила со куќен притвор, а „во игра“ биле и можностите тој да биде произведен во заштитен сведок или да му се понуди спогодба за казна или да плати минимална штета за случајот „Империја”.
Обвинителите Јовески и Русковска потврдија дека денеска, при претрес на службените простории на СЈО бил одземен компјутерот на Јанева. Тие потврдија дека не постојат индиции дека парите што Камчев им ги дал на Боки 13 и на Зоки Кичеец, во висина од 1,5 милиони евра, завршиле кај домашни и странски политичари.

(Љ.С.)

 

Спонзорирано