Камчев не дојде да сведочи за „Тортура“, се бара стражарно приведување

595

Осомничениот бизнисмен, Орце Камчев лично ја примил судската покана да се појави како сведок на денешното рочиште за случајот „Тортура“, но не дојде да сведочи за поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков кој е обвинет за нечовечкото апсење на поранешниот министер и лидер на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски.

Обвинителот од Специјалното јавно обвинителство, кој го води овој случај, Љубомир Лапе, побара Камчев да биде стражарно приведен, па судијката Александра Ристеска нареди Камчев за наредното рочиште, закажано за на 5 јули да биде приведен со полиција. Сепак таа му даде можност доколку го оправда отсуството, наредбата ќе биде повлечена.

На рочиштето денеска како сведоци беа повикани и новинарката Оливера Трајковска и поранешниот портпарол на МВР, Иво Котевски, кои за разлика од Камчев, не ги примиле поканите. Таа не била дома, па поканата да сведочи и била оставена на врата, додека за Котевски нема доказ за уредна достава на поканата.

На денешното рочиште не дојде ниту еден од сведоците кои ги предложи Специјалното јавно обвинителство, а се одложи бидејќи во судница не се појави обвинитениот Метуш Шабани, припадник на Алфите. Нему ми било повредено коленото, за што адвокатот достави медицинска документација.

„Независен весник“

Спонзорирано