Јанева: Се одолговлекуваат судски постапки за предмети на СЈО

1100

Ќе останам додека можам специјален јавен обвинител, не поради тоа што сакам, туку затоа што сметам дека заслужувам да бидам на чело на оваа институција, изјави денеска Катица Јанева.

Таа не сакаше да коментира дали е потребна лидерска средба за да се најде решение за законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши идниот статус на СЈО.Според Јанева, барањето на ВМРО-ДПМНЕ за нејзино разрешување од функцијата е политичка изјава која, како што рече, „ниту држи вода, ниту е на место и нема основа“.

-Мене не може да ме сменат, затоа што во законот нема персонални решенија. Се знае што сѐ пишува во закон, ако сме писмени во Македонија за да сфатиме дека тоа не се пишува во закон, рече Јанева.

Таа истакна дека, согласно со Законот за СЈО, мандатот ѝ истекува во септември, објаснувајќи дека е поинаква ситуацијата ако се донесе нов закон.

-Ако моето место оди на реизбор, тогаш тоа е нормална работа што е демократско право во секоја држава, нагласи Јанева  и додаде дека повторно ќе конкурира да биде специјален јавен обвинител.

Таа нагласи дека СЈО, како и редовното јавно обвинителство, е орган што гони, а за разрешница на предметите одговорност треба да се бара во судовите. Предметите на СЈО што се во судовите, како што рече, се предадени на 1 јули 2017 година.

-Оттогаш поминаа речиси две години, а имаме и обвинителни предлози од 15 септември 2016 година за кои нема првостепени одлуки. Вината за тие работи треба да ја барате во судовите, посочи Јанева.

На прашање зошто се одолговлекуваат судските постапки за предметите на СЈО, Јанева рече дека причина не е законот, туку судот, затоа што некои лица се разболеле или од други икс причини што се наведени во судските постапки.

-Тоа е нормална работа. Но како што реков и претходно мора да се интензивираат судењата и да се проверат тие наводи, дека лицата кои одбегнуваат да дојдат на судења навистина се болни или се спречени да дојдат, нагласи Јанева.

 

Спонзорирано