И по Коле – Коле Штерјов!

3944

По сите афери што се врзуваат за неговото име, односно за неговото постапување, Коле Штерјов одлучи да се кандидира повторно за член на Советот на Јавни обвинители

 

Љ.Станковиќ

Во сенка на актуелните случувања, некако како на „мала врата“ и по којзнае кој пат, ни се провна уште една кадровска одлука во Советот на јавни обвинители. Овој пат, се работи за одлука на Комисијата за спроведување на избори за членови на Советот од редот на јавните обвинители со која освен за Антонио Јолевски од Битола, Фаик Арслани од Гостивар, Фиданка Раевска од Скопје, се потврдува и реизборот на Коле Штерјов за член на Советот, ама од посебната листа на кандидати.

Изборот на Штерјов претпоставува дека тој до пензија може мирно да спие, а ако во меѓувреме некому затреба тој е тука и ќе биде фактор на одлучување. Всушност, изборот на Коле Штерјов е некако во согласност со неговото целокупно однесување од денот кога е стапнат во Обвинителството – работи тивко и напредува брзо и квалитетно, а умее и свои блиски да поддржи и поттурне!
Колку е начинот на избор за членови на Советот на јавни обвинители транспарентен и кредибилен, најдобро говори коментарот на професорот на Правниот факултет во Скопје, Гордан Калајџиев, кој на социјалните мрежи ќе забележи: „Само два посто доверба, а тие, истите луѓе, со цел памет, повторно се кандидирале во Советот на јавни обвинители! А овие, другиве ги изгласале?! Мамо, спаси ме!“.

За така „високиот“ процент на доверба можеби најголема вина носи и актулениот состав на Советот на јавни обвинители ( со чест на неколку исклучоци ) и нивниот доскорешен „лидер“ Коле Штерјов кој за само три години продуцираше еден куп афери и скандали, иако, пустиот, по неговиот избор за претседател на ова тело, во август 2017 година, самиот кажа „дека ќе успее да ја смени сликата за оваа институција“ и најави поголема транспаретност во работењето, а во реалноста само ја нагрди и онака грдата слика за Советот и ги затвори вратите за јавноста!
Верувам дека многумина ќе се присетат на работењето на Штерјов, односно на скандалот со предметот наречен „Банки“. За оние кои се кратко памтење, но и за оние неинформираните, само ќе потсетам дека Основното јавно обвинителс

твто за гонење на организиран криминал и корупција водеше некаква (пред)истрага за голем финанаски криминал, во чие средиште се најде и сопругот на сега реизбраната обвинителка Раевска. Токму во време на Коле Штерјов, на обвинителката која го водеше овој случај не и беше продолжен мандатот во ОЈО ГОКК, а и беше забрането да дава изјави во медиумите. Затоа, пак, наместо неа, нов предлог, а потоа и избор беше обвинителка од скопското обвинителство, Марија Ѓоргева.
Станува збор за обвинителка која поради незаконско постапување и по само неколку дена работење беше набркана од тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, наместо утврдување на евентуална злоупотреба на службената пол

ожба, “набрканата“ беше вратена во скопското обвинителство. Инаку Ѓорѓева е ќерка на сестрата на сопругата на Штерјов, ама и снаа за внук на негов братучед. Е, токму оваа обвинителка Штерјов ја „отфрли“ од своето роднинско стебло и како „туѓинка“ ја именуваше за нов обвинител во ОЈО ГОКК, а потоа токму нејзе и се падна да го работи предметот „Банки“, кој, пак, подоцна, дел по дел, завршуваше со откажување од натамошен кривичен прогон. Колку да не остане заборавено: во разрешувањата и именувањата ќе учествува и сега реизбраната Раевска, и покрај тоа што таа е лично засегната од случајот кој се води.
А дека Коле ги пречекорил своите овластувања потврди и Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), која освен што констатира судир на интереси при изборот на Ѓорѓева му наложи на Штерјов да плати и прекршочна казна, а тој со индигнација одби!
Злите јазици го нарекуваат Коле Штерјов „претседател на сите банки во државава“. Претпоставувам дека ваквиот прекар тој го заработил токму поради посредното менаџирање со предметот „Банки“, но ретки се оние кои знаат дека Штерјов водеше уште еден сличен предмет. Имено, за името на Штерјов се врзува обвинението поднесено против поранешниот гувернер на Народната банка, професорот Љубе Трпески и контроверзниот бизнисмен и сопственик на сега веќе пропадната „Експорт – Импорт банка“, Методи Смиленски. На почетокот, тој случај претставуваше голем скандал и според обвинението се работеше за „дупка“ во државната каса од 22 милиони долари. Но, како што одминуваше времето, се некако се доби помирувачки тон. На мислење сум дека овој предмет на Штерјов му е „најзвучен“ во неговата кариера, но парите, иако така беше наредено со пресудата, не ѝ беа вратени на државата. Некои лица ме убедуваат дека „килавоста“ во предметот треба да се бара токму кај Штерјов, а има и такви кои тврдат дека благодарение на овој случај тој, наводно, си ја вработил ќерката во Народната банка на РСМ?
Дали ќерката на Коле Штерјов навистина е вработена во Народната банка или не јас ниту можам, ниту имам намера да тврдам и да докажувам, ама верувам дека тој како поборник за „поголема траспаретност во работењето“ самиот ќе каже нешто повеќе за тоа, како што треба да каже и за сообрајаќата што ја имаше додека управувал службено возило. Имено, Штерјов првин се обиде да сокрие дека имал сообраќајна несреќа, а откако беше откриен тој тврдеше дека бил на службен пат?!
Тој никогаш не кажа зошто тој, а не службен возач, го управувал возилото на Советот на јавни обвинители? Дали во возилото бил сам или имал придружба и дали имал патен налог и за каде важел тој налог? И зошто кога веќе имал сообраќајна несреќа, на увид не излегол дежуренј Јавен обвинител, дотоклу повеќе што тоа е обврска?
Сето наведено е сосема доволно за да стане скандал по себе и за себе, а Коле наместо да понесеше одговорност, да си поднесеше оставка и да си заминеше, одлучи повторно да се кандидира и повторно е избран?!

Како и да е – скандалозно е!

Спонзорирано