Сашо Мијалков: „Ниту имало тепачка, ниту сум бил во ‘Дистрикт’!“

5845

„Негирам каква и да е тепачка и мое учество во неа, а за наводниот инцидент барам демант и јавно извинување од оние кои го измислија овој случај, во спротивно ќе следи тужба за клевета“, вели сопственикот на хотелот „Мериот“, во чиј состав работи и ресторанот „Дистрикт“, каде, наводно, вчера вечер, се случила тепачка

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, го негира настанот којшто наводно се случил, вчера вечер, во ресторанот „Дистрикт“, кој работи во состав на хотелот „Мериот“. Во изјава за „ПРАВОСУДСТВО“ Мијалков вели дека за наводниот инцидент разбрал од медиумите. Тој е изненаден од, како што вели, тепачка во којашто и тој самиот учествал, бидејќи во време кога се случил „инцидентот“ тој воопшто не бил во ресторанот. „Негирам каков и да е инцидент! Во конкретниов случај се работи за измислица пласирана од некои луѓе. Ниту имало тепачка, ниту јас можел да учествувам во неа, бидејќи во тоа време не сум ни бил во ресторанот. Она што ме изненадува е брзината на објавата од некои медиуми, кои пишуваат за тепачка, а никој не побара официјална потврда или демант. Мислам дека се работи за смислена провокација. Она што го знам е дека се е поттикнато од едно лице и негово пишување на социјалните мрежи. Доколку тоа лице не го негира сопственното пишување ќе се соочи со тужба за клевета“, вели Сашо Мијалков.
Мијалков вели дека не сака да спомнува имиња на лица кои можеби стојат зад оваа приказна, но познато е дека најголемиот број на медиуми за наводниот инцидент се повикаа на фејсбук објавата на Љупчо Палевски – Палчо. Имено, Палевски речеси до детаљи го опишал „инцидентот“ којшто наводно се случил во ресторанот „Дистрикт“. Љупчо Палевски неодамна се врати во земјава откако во екс ЈУ република издражувал затворска казна, откако претходно бил притворен во друга држава. По неговото враќање тој му даде интервју на еден свој поранешен враборен, од времето кога тој го издаваше неделникот „Старт“. Сепак, и покрај објавата на Палевски за тепачката во која наводно учествувал и осудениот Зоран Милески – Кичеец, како и лица вработени како обезбедување на сопственикот и на објектот, во јавноста, како инспиратот на случајот се споменува и името на поранешен советник на екс претседателот Ѓорѓе Иванов, а сега советник на министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев.
Она што изненадува е фактот дека надлежните институции се уште ништо не соопштуваат за наводниот инцидент кој, според пишувањето на Палевски и на медиуми блиски до ВМРО-ДПМНЕ, бил спречен откако Сашо Мијалков ја повикал полицијата.

(Љ.Станковиќ)

Спонзорирано