Груевски се спаси (засега) и од затвор и од екстрадиција

1215

Поранешниот премиер Никола Груевски се спаси повторно – и од екстрадиција од Будимпешта и од затвор во Скопје. Тој нема да биде вратен од Унгарија во Северна Македонија. Така одлучил денеска судот во Будимпешта, кој, по седум месеци од мистериозното бегство на Груевски, го разгледуваше барањето на македонското Министерство за правда за негова екстрадиција.

Како што јавија унгарските медиуми, судот проценил дека  не биле исполнети условите за екстрадиција на експремиерот. Медиумите во Будимпешта објавија фотографии и видео од Груевски во судот, каде што тој во судницата седи со наочари за сонце и капче. Дел од медиумите информираа  дека Груевски утринава бил уапсен за одлучување по барањето за екстрација, а при доаѓањето во судот одел со рацете покриени со палто, следен од две лица, така што се претпоставува дека ги криел лисиците.

 

Како што се пренесува, судијката го отфрлила барањето за екстрадиција,  како и меѓународната потерница со образложение дека лица кои побегнале од една земја, не може да бидат екстрадирани во таа земја. Пресудата сѐ уште не е правосилна, но,  според известувањата на медиумите, жалба може да поднесе само унгарското обвинителство, а не државата Северна Македонија.

Унгарските власти минатата недела го информирале нашето Министерството за правда дека го добиле комплетираното барање за екстрадиција. Груевски откако беше осуден на двегодишна затворска казна за предметот на СЈО, „Тенк“, за набавката на луксузниот мерцедес, избега од земјава и доби азил во Унгарија, со чии власти интензивно соработуваше додека беше премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Македонските правосудни органи побараа меѓународна потерница за Груевски што Интерпол не ја објави.

Покрај правиосилната пресуда за „Тенк“, со која се опфатени и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник-министер во МВР Ѓоко Поповски, СЈО води уште неколку постапки во кои Груевски е осомничен или обвинет за предмети што произлегоа од масовното нелегално прислушување. Пред неколку месеци, експремиерот  влезе и во новата истрага на Обвинителството за организиран криминал како еден од можните организатори на настаните во парламентот на 27 април 2017 година, за што се покренати и обвиненија за „терористичко загрозување на уставниот поредок“. За овој предмет, македонското Министерство за правда достави ново барање за екстрадиција.

Спонзорирано