АПЕЛАЦИЈА ЈА УКИНА ПРЕСУДАТА ЗА ВЕЉАНОСКИ, ЈАНАКИЕСКИ, РИСТОВСКИ И АТАНАСОВСКИ

642

Скопскиот Апелационен суд, како второстепен суд, ги прифати жалбите на осудените Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски, обвинети во предметот наречен „Собрание“.
Судечки совет на Апелација ја укина првостепената пресуда и донесе решение со кое предметот се враќа на повторно судење во Основниот кривичен суд Скопје. Согласно одлуката на судот жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) е беспредметна, но мерките на претпазливост за споменатите остануваат во сила.
„Поради големиот интерес и транспарентност во работењето, судискиот совет на Апелациониот суд Скопје информира дека при разгледување на првостепената пресуда, оцени дека при постапувањето по овој кривичен предмет сторени се суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка од член 415 став 1 точка 11 и став 3 од Законот за кривичната постапка, кои придонеле првостепениот суд да не биде во можност правилно да го примени материјалното право-Кривичниот законик. Ова, од причина што првостепениот суд врз основа на расположивиот доказен материјал во недоволна мера ги расправил сите спорни околности и не ги утврдил со сигурност сите решителни факти што го чинат обележјето на кривичното дело и го определуваат неговото дејствие на извршување, при утврдување на фактичката состојба не утврдил со сигурност во што се состојат дејствијата на секој од обвинетите преземени во насока на остварување на битието на кривичното дело за кое се обвинети, ако се има предвид дејствието на извршување на предметното кривично дело, за кое правната теорија и судската пракса се едногласни дека покрај умислата во субјективното битие како субјективен елемент на противправноста влегува и намерата за загрозување на уставниот поредок или безбедноста на РМ“, се вели во соопштениото на Апелациониот суд во Скопје.
Според Апелација, првостепениот суд сторил и суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка, односно го повредил правото на одбрана на обвинетите што влијаело врз законитото и правилно донесување на пресудата и врз правото на обвинетите на правично судење, бидејќи не го замал в предвид прашањето за одредбите кои се однесуваат за амнестијата, односно биле занемарени истакнатите приговори по однос на примената на Законот за амнестија.
Инаку, со пресудата којашто ја изрече скопскиот суд, во јули 2021 година, екс претседателот на Собранието на РСМ, Трајко Вељаноски беше осуден на 6,6 години затвор, екс министрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски на по шест години и три месеци затвор, додека топгашниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, беше осуден на шест години затвор. Тие беа обвинети дека биле организатори на насилниот упад во Собранието кое се случи на 27 април 2017 година.

Спонзорирано