15 СООПШТЕНИЈА ЗА БОКИ 13

796

Правниот тим на Бојан Јовановски, се чини, како аргумент за прекин на издржување на казната затвор, ја кориси неговата здравствена состојба, но битно е дека не се запира со лиферување на соопштенија полни со медицинска терминологија.

 

Љубиша Станковиќ

Осудениот Бојан Јовановски викан Боки 13 е во болница и сега нацијата може да здивне!
Како што најавува неговиот „правен тим“ Боки 13 се’ уште не е опериран, но и тоа ќе се случи, ама ако може, во меѓувреме, нему требало да му биде прекратено издржувањето на затворската казна?!
Верувам и искрено се надевам дека за неговата здравствена состојба јавноста ќе биде редовно информирана како што тоа, на времето, се правеше кога Јосип Броз беше на лекување во Клиничкиот центар во Љубљана, дотолку повеќе што „правиот тим“ од прв ден не’ информира за здравјето на Боки.
Мојата верба во „правниот тим“ на Бокица лежи во фактот дека за еден месец лиферуваа ни повеќе ни помалку туку 15 соопштенија. За Боки е информирана и амбадасадата на САД, но оттаму немаме повратна информација дали амбасадорката го посетила Боки во „Идризово“ или можеби во Клиничкиот центар во Скопје, дали му донела портокали, лимони или банани, онака како што е ред кога се оди во посета на болен човек, но мислам дека ПР-тимот ќе ни ја обезбеди и таа информација во најскоро време.
Не ми е јасна намерата на „правниот тим“ со објавана на соопштенија кои само за еден месец ги има 15, се разбира, со тенденција оваа бројка да биде уште поголема.
Како ги читам соопштенијата на „правниот тим“ на Боки 13 се’ повеќе ми се наметнува мислата дека тој повеќе личи на портпаролски тим, а најмалку како лица кои ќе го вложат своето знаење и ќе понудат правна аргументација поврзана со случајот кој се однесува на осудениот за примање на 1,5 милион евра со кои токму тој требаше да издејствува укинување на мерката притвор за Орце Камчев.
Имено, ако Боки побарал и добил 1,5 милион евра за укинување на притвор, (а што реално и се случи) колку пари треба да се дадат за укинување на правосилна пресуда? Прашањето е хипотетички, бидејќи Бојан Јовановски е правосилно осуден и неговиот случај тука завршува, но затоа сега во игра се става неговиот желудник, а со него и барањето за прекратување на натамошното издржување на затворската казна.
Да бидеме на чисто: јас му посакувам на Боки добро здравје и долг живот, но тој, од естетски причини, самиот донел одлука да си го стеснува желудникот, а неговиот адвокат, уште од првиот ден по отворањето на аферата на сите кои не мислат како него им најави кривични пријави, доколку тој добие карцином?!
Значи имаме евентуален карцином и кривични пријави во најава!
Не знам дали во „правниот тим“ на Боки 13 знаат колку од осудените лица во државата имаат некаква болест? Од што најчесто се болува и како се чувствуваат тие лица? Или тие лица немаат доволно „ресурси“ за да можат нивните правни тимови да ја информираат јавноста за нивното здравје?
На крајот на денот, за нив, се’ се сведува на затворско лекување, на сместување во Арестанското одделение во Клиничкиот центар и како Бог ќе им даде…
Фала му на Бога, Боки нема рак, но да го ставаш како влог здравјето на клиентот, наместо да ја докажуваш неговата невиност е небулоза. Е сега работа е отидена уште подалеку: сега Боки има „правен тим“ кој како што може да се види во нивните соопштенија повеќе користат медицинска, отколку правна терминологија. Тие уште не се „на патос“, но може да очекуваме во скоро време, во соопштенијата да се користат изјави од роднини, комшии, пријатели, односно од секој кој би кажал некој убав збор за Боки.
Во последното објавено соопштение може да се прочита и за апелот на „правиот тим“ за „солидардност и емпатија како доблесни карактерни особини на секој поединец“?!
Ајде сите да бидеме солидарни и да покажеме емпатија, ама ајде и да претпоставиме една друга ситуација: Ете, да замислме дека некој од „правниот тим“ на Боки 13 некогаш да бил истражен судија и дека кога одлучувал за изрекување на мерка притвор, донел решение за притворање на жена која била бремена и која откако завршила зад решетки го изгубила плодот?! Дали во таква една претпоставена ситуација ќе можеме да се зборуваме за солидарност и емпатија? Дали нероденото дете морало да почине? Дали и жената можела да ја изгуби главата? Дали некој се возбудил поради настанот?
Многу претпоставени прашања, ама, чинам, и многу хипокризија…
Не е моја работа како „правниот тим“ ќе ја организира одбраната на Боки, но ова со соопштенијава нема многу да им помогнат, бидејќи јавноста многу и не ја тангира здравствената состојба на младиот Јовановски, а се’ повеќе сум сигурен и дека нема да му биде прекратаена затворската казна. Но, тие си знаат и нека си тераат како што мислат, а јас и натаму немам намера да им ги објавувам медицинските писанија.
На крајот само би се осврнал на случајот на Драган Даравелски. Всушност, немам што ново да кажам за ослободувањето на Даравелски, бидејќи кога, на 10. јануари, напишав дека дека делото му е застарено некои ме гледаа како небаре да сум паднал од Марс, а имаше и такви кои ми се потсмеваа, ама Драган, сепак, е на слобода!

 

Спонзорирано