Како што пренесува „Алсат“ охридскиот суд ја прифатил паричната гаранција од 850.000 евра која била понудена за укинување на мерката притвор за охридскиот советник Нефи Усеини и за неговиот брат Ибраим Усеини и тие двајцата, од вчера попладне, се на слобода.
Имено, Кривичниот совет на судот во Охрид се согласил да ја прифати паричната гаранција, а за сметка на тоа да ја укине мерката притвор која на трети овој месец им беше продолжена за уште 30 дена.
Основниот суд во Охрид, по бегството на браќата кои се сомничат за насилство, изрече мерка притвор во траење од осум дена. Кога осомничените се појавија пред затворот тие понудија парична гаранција од 30.000 евра во замена за укинување на притворот.
Од првично донесеното решение, со кое се прифати понудената кауција, не беше задоволно Јавното обвинителство кое вложи жалба до Апелациониот суд во Битола кој, пак, ја укина првичната одлука.
Нефи и Ибраим Усеини од Обвинителството се тварат за насилство, односно цека на 26. минатиот месец, пред еден охридски хотел, со пиштол го удирале по глава охриѓанецот Спире Топаловски. Топаловски самиот потверди дека бил удиран со пиштол по глава и дека со истиот пиштол му се заканувале и на неговиот малолетен син, но само неколку дена подоцна, односно во време кога осомничените се водеа како недостапни за органите на истрагата, тој го негираше сето она што го кажа за настанот.