Европската Унија будо го следи процесот на преговори за новиот закон за Јавно обвинителство и затоа ги поттикнуваме сите парламентарни политички партии позитивно да го земат предвид усвојувањето на законот – порача делгацијата на ЕУ во земјава.
-Од огромна важноста е СЈО да продолжи со гонење на оние кои се одговорни, на сторителите, и тоа да го прави на професионален начин и независно, порача евроамбасадор Семуел Жбогар во писмена изјава.
Во соопштението се наведува дека ова ќе им ја покаже на граѓаните, како и на меѓународната заедница, посветеноста за утврдување одговорност за сите кривични дела, особено за корупцијата на високо ниво и злоупотреба на моќ, но и за зајакнување на владеењето на правото во Република Северна Македонија. Исто така, ќе придонесе кон исполнување на желбата на граѓаните за фер општество, засновано на правила, што всушност е суштината на процесот на проширување на Европската Унија, истакнува Жбогар.
Договор за СЈО и вечерва не е постигнат. Претставниците на власта и опозицијата кои учествуваа на вечерашната средба во Министерството за правда изјавија дека разговорите продолжуваат и дека е оставен простор за консултации, така што ќе биде утврден нов термин за средба.
„Клучните разлики се во статусот на СЈО и во употребата на аудио материјалите. Се договоривме да се извршат консултации во делот на тоа каде би можело да има придвижување за да најдеме простор за заедничко носење на законот. Денеска нема некој посебен напредок со кој може да се пофалиме“, изјави министерката за правда, Рената Тренеска Дескоска.
Таа се надева дека законот ќе биде донесен пред изборите.
„Работиме на обезбедување мнозинство од 80 пратеници“, изјави Дескоска.
Таа додаде дека се разговара со сите пратенички групи.