„ТРАЕКТОРИЈАТА“ НА САШО МИЈАЛКОВ

1618

СЈО има предмет „Траекторија“, но тој нема никаква врска со екс-директорот на УБК кој е на постојана релација: Затвор „Скопје“ – дома и обратно

 

Љубиша Станковиќ

Сашо Мијалков повторно е во куќен притвор! Засега! Верувам до следното барање за притвор или што е уште поверојатно до следната пресуда која што ќе биде изречена против него, а „во најава“ има уште три-четири!

За оние предмети кои допрва треба да следат пресуди за кои не знае човек да каже која од која е полоша!Мислам…во делот на казните! А кога има казни има и нови мерки притвор, односно ново ставање на „лисици“ во судница, пак комбе од затворот „Шутка“ и веројатно старата затворска ќелија и 24 часовен надзор.

Но, налет судења, спроведувања, пресуди, притвори и затворски казни, овдека се работи за нешто што „систематски убива“, а нема никаква врска со „двајца надарени“ или слични глупости!

Некои ценат дека Сашо Мијалков можеби и заслужил, Некои мислат дека не заслужил вакви тормозења, но факт е дека тој не е научен друг да му ги води постапките…..Мијалков веќе не е во ситуација да каже дека: „Му ебал мамата на Љубе“, а дека овој плачел и коментирал дека: „Сето ова му го наместил Сашо Мијалков“. Мијалков веќе не може да ги слуша и советите на „Началникот“ од куртонската-телевизија кој го поучува дека од пресуда треба да земе толку пари за да може да и купи на сопругата нов џип. Го нема веќе ниту идиотско/садистичко/додворувачкото кикотење на неговите полтрони, пудли и бивши пријатели на секој кажан збор…..Ништо веќе не е исто и никогаш повеќе ништо нема да биде исто!

Сашо Мијалков беше човек кој решаваше за туѓите животи и судбини. Велат дека работите ги решавал во кафеана. Најчесто во една во Капиштец….Не, не, на граница! Во Капиштец!

И кога дојде денот да се појави во кривичниот суд Сашо, заедно со неговите „горили“ влегуваше на службениот влез. Небаре е вработен во судот, а не како некој кој таму вработувал судијки „Сваровски“. Главно, млади и убави! Што е за почит….

За Мијалков и неговите не постоеше ни метал-детектор. Никој не смееше да помисли да го проверува ни со рачен детектор! Беше тоа опасно! Можеше да се случи детекторот да свири на метал?!

Во исто време новинарите, по милионити пат, беа заведувани во списоци и проверувани. Чантите на рачен преглед, а ремените од пантолоните и се друго метално се вади пред да се влезе во судот…..Велат дека такви биле правилата? Кој знае? Се е можно?!

Пројде време и дојде ново време. И Сашо Мијалков почна да влегува на главниот влез….Како сите други! Помина уште малку време, а во судот веќе не го следи сурија од луѓе, туку само еден од неговите телохранители…..Помина уште малку време, а Сашо со лисици“ на раце почна да се дружи со полицијата и спроводниците од затворот во Шуто Оризари.

Си заминува со комбе, преку подрумот на судот…

И сега, после се, треба да е среќен што е дома меѓу неговите најблиски? Некако не ми се верува? Мислам дека Сашо не е човек кој сака да седи непрестано дома, а уште помалку во затворска ќелија….

Не е ништо лично, но не можам да избегам од чувството дека Сашо Мијалков влегува и излегува од притвор секогаш кога нешто треба да се гласа во Собрание, а дека после гласањето може да го вратат во затворската ќелија….Изгледа како никому веќе да не му е потребен?!

Се разбира на хиените кои до вчера беа со него – најмалку! Тие веројатно веќе си нашле нова жртва?!