Здружението за истржување, анализи и развој „Зелена лупа“, со писмен допис, се обратило до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со прашање: Зошто Обвинителството се уште не го процесуира предметот „ИМПЕРИЈА“?
Дописот на Зелена лупа“до Обвинителството, „ПРАВОСУДСТВО“ го објавува интегрално:
На ден 30.06.2020 година Здружението ‘Зелена лупа’ – Скопје со официјален писмен допис се обрати до ОЈО ГОКК до Основен јавен обвинител, Вилма Русковска, со Барање да се произнесе пред јавноста со официјален став и одговори на нашите поставени прашања поврзани за случајот „ИМПЕРИЈА“.
Единствен одговор кој досега неколку пати го потенцираше во јавноста Обвинителката Русковска е дека поради пандемијата, предизвикана од Ковид-19 вирусот, во периодов не се повикуваат сведоци по овој предмет во ОЈО ГОКК.
Од секојдневниот судски мониторинг во кривичниот суд Скопје, нашиот набљудувач секојдневно присуствува на исти рочишта со обвинителката Русковска и можеме да потврдиме дека дневно се сослушуваат повеќе од десетина сведоци на едно тековно рочиште како што е последниот пример со предметот „ОРГАНИЗАТОРИ НА 27 АПРИЛ“, во кое, токму по барање на Вилма Русковска се повикуваат повеќе сведоци кои се предложени од одбраната.
Да напоменеме дека во самата завршница на предметот „РЕКЕТ“ тогашната шефица на СЈО соопшти пред целата јавност дека предметот „ИМПЕРИЈА“ бил целосно завршен од нивна страна и е предаден како готов производ во ОЈО ГОКК за понатамошно процесуирање.
СЕ ПОСТАВУВА ПРАШАЊЕТО: КОЈ И ЗОШТО ГО ПОПРЕЧУВА СЛУЧАЈОТ „ИМПЕРИЈА“?
За да се добие одговор на ова прашање, работењето на обвинителката Вилма Русковска е под лупата на Зелена Лупа.
Во прилог ви го презентираме официјалниот поднесок до Обвинителството и се надеваме дека во најбрз можен рок јавноста ќе ги добие одговорите на овие прашања, а ‘Зелена лупа’ ќе продолжи објективно и непристрасно да известува за текот на овој предмет.