И парламентот и Советот на јавни обвинители едногласно учествуваа во разрешувањето на специјалната обвинителка, кој е сега третоосомничена за случајот „Рекет“ и се наоѓа во притвор
Само неколку часа пред почетокот на новиот ден, кога требаше да ѝ заврши мандатот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, Советот на јавни обвинители ја донесе конечната одлука за нејзино разрешување поради „нестручно, несовесно и незаконско постапување“.
Попладнето, предлогот за разрешување на Јанева едногласно го утврди парламетот, со неколку гласа помалку отколку на 15 септември 2015 година, кога таа беше избрана на чело на новоформираното обвинителство кое произлезе од политичките преговори во Пржино за надминување на политичката криза во земјава. Во тогашниот парламент за изборот на Јанева гласаа 108 пратеници од сите партии, а во овој собраниски 102 парламентарци кренаа рака за нејзиното разрешување. За оваа одлука гласаа „за“ и 27 припадници од заедниците кои не се мнозинство. Едногласна беше и одлуката на Советот на обвинители, каде што сите осум присутни членови гласаа за разрешување на некогаш мошне популарната специјална обвинителка од Гевгелија, која сега е третоосомничена за случајот „Рекет“ и се наоѓа во притвор.
-Советот на јавни обвинители на денешната вонредна седница едногласно одлучи да ја разреши од функцијата специјален јавен овинител Катица Јанева поради незаконско, нестручно и несовесно работење – изјави претседателот на Советот на јавни обвинители Ацо Колевски по завршувањето на седницата.
Одлуката за разрешување на Јанева, додаде, стапува на сила веднаш и ќе биде објавена во службените гласила согласно процедурата.
Колевски посочи дека в понеделник ќе продолжи седницата на која ќе се расправа за регулирање на статусот на другите јавни обвинители во Специјалното јавно обвинителство кога ќе биде констатиран престанок на нивниот мандат и ќе биде донесена одлука дали да се вратат во нивните матични јавни обвинителства.
-Ќе мораме да ги примениме одредбите од Законот за специјално јавно обвинителство за престанок на нивната функција, затоа што таму е предвидено дека нивниот мандат не може да го надмине мандатот на специјалниот јавен обвинител. Тоа в понеделник ќе го констатираме само со одлука. Став на Советот е дека не постојат услови за поставување на вршител на должност во Специјалното јавно обвинителство имајќи го во предвид самиот Закон за СЈО каде е наведено дека предлогот за именување на специјален јавен обвинител го дава Собранието. Очекуваме предлог од Собранието и ако биде доставен ќе постапиме по предлогот, бидејќи законот се уште е во важност – потенцира Колевски.
Законот за СЈО, како што е предвидено во него, е со важност од пет години, што би значело до 15 септември следната година, со можност за негово продолжување за по една година, за што би се носела одлука со двотретинско мнозинство во Собранието. Од друга страна, мандатот на Јанева беше четири години со можност за реизбор. Пред избувнуваето на скандалот „Рекет“, само неколку час пред Јанева да најави оставка (што сепак не ја поднесе), таа имаше амбиција да конкурира за уште еден мандат, доколку се постигнеше договор меѓу партиите за решавање на статусот на СЈО.
Постапката за разрешување на Јанева почна на 5 септември, кога Комисијата за избори и именувања, зад затворена врата, едногласно и без дебата, донесе заклучок да му предложи на Собранието да ја разреши Јанева. Одлуката беше донесена врз основа на извештајот на Советот на јавни обвинители за разрешување на Јанева поради нестручно, незаконско и несовесно работење.