Заев сведочеше во Судот за „бомбите“

789

Премиерот рече дека во снимките од масовното нелегално прислушување најзастапени биле неговите и телефонските разговори на Бранко Црвенковски 

Премиерот Зоран Заев околу еден час одговараше на прашања од Обвинителството на денешното рочиште на случајот за незаконското прислушување „Таргет-Тврдина“, додека Судот и од обвинетите му поставија само по едно прашање.

На прашање од Судот, дали меѓу разговорите што денеска се објавуваат препознава некои од тие што биле во посед на СДСМ, Заев рече дека не може со сигурност да потврди.

–  Не можам да кажам дека ги препознавам затоа што не го разбирам албанскиот јазик и мора да се грижам за безбедност на сите. Затоа селектирав само дел од разговорите и му ги дадов на висок функционер во СДСМ да ги преведе. Тоа што денеска се објавува првпат го разбирам кога ги гледам написите објавени во медиумите – изјави Заев.

На прашање од обвинетата Гордана Јанкуловска, дали постоел одреден дисконтинуитет на прислушуваните материјали односно за одреден период можело да се случи да не добијат материјали, Заев рече дека при објавиле случаи во кои недвосмислено се гледала од почеток до крај смислата на разговорите.

– Не објавивме разговори со индиции за некои случаи, ако не можеше да се обезбеди  целовитост на доказите. Не објавивме податоци за случајот со затворање на А1 -телевизија, бидејќи имаше денови за кои  немаше кај нас материјал дека имало незаконско следење на комуникациите. По сопствено убедување , сметам дека не било можно да се земат стопроцентно материјалите и да се достават до СДСМ. Затоа и логично кажавме дека не ги поседуваме сите разговори – изјави Заев.

Одбраната кажа дека нема други прашања за сведокот. Бранителот Љупчо Шврговски, рече дека со оглед на суптилноста на исказот на сведокот  Заев и потребата од анализа на одговорите на претходниот сведок Зоран Верушевски би било непрофесионално одбраната да поставува вкрстени прашања.

Претходно, премиерот, одговарајќи на прашања од обвинителот Љубомир Лапе, рече дека како претседател на СДСМ Верушевски го информирал дека партијата располага со документи и материјали за незаконско следење на комуникациите и дека за тоа првпат слушнал кога станал претседател на СДСМ во јуни 2013 година.

Заев кажа дека од согледувањето на тие материјали увидел дека во државата масовно се следат комуникациите, дека тоа се прави незаконски, односно без судска наредба и посебни истражни мерки, како и дека масовноста на прислушувањето, според негова проценка, опфатила над 20 илјади граѓани.

Најчест таргет, Заев рече дека биле опозицијата и високите претставници на опозициската СДСМ, но дека се следеле и новинари, екперти, претставници на НВО, како и деловни луѓе од државата, верски претставници и неколку телефонски броја од високи претставници од власта во тоа време.

Прашан дали и тој бил меѓу прислушуваните Заев одговори потврдно. Рече дека е најверојатно најзастапен од СДСМ, веднаш по Бранко Црвенковски, посочувајќи дека тоа било во обем од илјадници разговори и смс пораки. Кажа дека од тоа со што располага СДСМ се прислушувало во периодот од 2008 до 2014 година. Тоа се правело во МВР и УБК, само во еден помал дел со ПИ -мерки.

– Ја потврдувам автентичноста на моите разговори и смс пораки кои беа дел од тие материјали. Ќе потсетам дека обелоденувањето на прислушувањето почна со објавување на разговор меѓу мене и мојата тогаш малолетна ќерка – изјави Заев.

Кажа дека материјалите се чувале заклучени во посебна просаторија до која пристап имале само претседателот на Комисијата Верушевски и претседателот на партијата без разлика кој е.

– Јас бев тоа лице што го споделуваше во јавноата и јас бев тоа лице што ги селектираше тие материјали за споделување со јавноста. Затоа тие беа споделувани лично од мене или од мене назначено лице – изјави Заев.

Рече дека имал четири средби со тогашниот премиер Никола Груевски во Владата, каде што му предочил дел од содржината на тие разговори.

-Изборот што да му презентирам на Груеваки беа разговори што може да ги знае само тој и неговиот соговорник. Еден од тие разговори е како тој тајно купува плац на Водно – изјави Заев.

Во однос на тоа како биле преведувани објавените разговори на албански јазик, Заев рече дека разговорите кои биле објавени, а се однесуваат на личности кои комуницираат само на албански јазик, биле преведени од висок член на партијата што знае албански јазик, на лично од него посочени разговори.

Заев, рече дека се приклучува на прогонот како лице кое било прислушувано, но дека не бара никаква отштета.

Процесот го води судијката Џенета Бегтовиќ, а застапници на обвинението се Трајче Пеливанов и Артан Ајро.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани

Спонзорирано