ЗА ШЕСТМИНА ОБВИНЕТИ ВО „ТАРГЕТ-ТВРДИНА“ 55 ГОДИНИ ЗАТВОР

440

Највисоки казни од по 15 години судот им изрече на бегалците Горан Грујовски и Никола Бошковски, а екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков, за три кривични дека, е осуден на единствена казна затвор во траење од 12 години

Шестмина од вкупно единаесетемина обвинети во предметот наречен „Таргет – Тврдина“ се осудени на ефективна затворска казна иако кривичниот суд најде дека сите тие ги сториле кривичните дела за кои се товарат.
Согласно пресудата која што ја изрече судечкиот совет на скопскиот кривичен суд на највисоки казни во траење од по 15 години им изрече на бегалците Горан Грујовски и Никола Бошковски, а екс-директорот на сега веќе непосточката УБК, Сашо Мијалков, за три кривични дека, е изречена единствена казна затвор во траење од 12 години.
Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, за сторена злоупотреба на службената положба и овласување, е осудена на казна затвор во траење од 4 години, а Тони Јакимовски, шеф на кабинетот на Сашо Мијалков, е осуден на шест години затвор, а на Надица Николиќ и’ беа изречени три години ефективен затвор.

Судот, за Сашо Мијалков, донесе решение за изарекување мерка притвор. Иста мерка е изречена и за бегалците Грујовски и Бишковски, додека на Тони Јакимовски му се изрекува мерка куќен притвор.

За Владимир Варелов, (чиј личен идентитет го искористи екс-началникот Горан Грујовски кога бегаше од земјава), Марјан Шумоликовски, Васил Исаковски и Силвана Златкова, сите обвинети за кривичните деле: злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластување, беа осудени на затворски казни во траење од по две години, но на овие лица судот им изрече условни казни доколку во следните пет години не сторан ново кривично дело. На условна казна од три години, заради сторено кривично дело: Фалсификување службена исправа, судот ја осуди обвинетата Валентина Симоновска.
Судечкиот совет наложи Грујевски, Бошковски, Јакимовски и Јанкулоска да ја надоместат штетата во висина од 87 милиони денари, колку што чини уништената опрема, а оштетените, односно сите оние биле предмет на прислушување се упатуваат во граѓанска парница каде ќе бараат надомест на штета.
Точно еден час траеше елаборацијата на пресудата којашто требаше да биде изречена, а судиите Џенета Бектовиќ и Владимир Туфегџиќ, наизменично, читаа дел од обраложението во кое можеше да се слушне како функциниреало незаконското прислушување кое се реализирало од Управата за безбедност и контраразузнавање, но и за уништувањето на опремата за прислушување чија книгодствена вредност била сведена на еден денар, иако реално таа чинела 1,4 милиони евра.
Судијата Туфегџиќ најави нова кривична истрага која се однесува на обвинетиот Сашо Мијалков, односно за неговото дводневно исчезнување, по што му беше изречена мерка куќен притвор и од тие пичини тој во кривичниот суд беше спроведен со полициско комбе.
Говорејќи за текот на оваа судска постапка, судијката Џенета Бектовиќ кажа дека Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до судот доставило 810 материјални докази, дека предложило 52 сведоци и уште толку лица кои се водат како прислушувани, односно како оштетени, но и 130 други кои, поради незаконско прислушување и сето тоа во 53 судски рочишта.
Инаку, истрагата за предметот „Тврдина“ беше отворена на 29 март 2016 година, а за случајот наречен „Таргет“ на ден 17 ноември истата година. Поради нивната поврзаност, при подготовката на обвинението СЈО ги спои предметите во еден единствен предмет.
Обвинението е покренато на 30 јуни 2017 година, при што 4 лица се опфатени со обвинителен акт за кривичните дела злосторничко здружување од член 394 од Кривичниот законик на Република Македонија, злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик на Република Македонија, и фалсификување службена исправа од член 361 од Кривичниот законик на Република Македонија, додека пак 8 лица се обвинети со обвинителен предлог за кривичните дела злосторничко здружување од член 394 од Кривичниот законик на Република Македонија, кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик на Република Македонија, фалсификување службена исправа од член 361 од Кривичниот законик на Република Македонија и примање награда за противзаконито влијание од член 359 од Кривичниот законик на Република Македонија.

(Љ.Станковиќ)

Спонзорирано