ОБВИНЕНИЕ ЗА ИНВЕСТИТОРОТ ВО ПРЕДМЕТОТ НАРЕЧЕН „ЛИДЕРИ“

688

Иако истрагата за објектот – дивоградба поранешното Специјално обвинителство ја насочи кон Никола Груевски и Али Ахмети, сепак, Обвинителството за гонење организиран криминал поднесе обвинение против инвеститорот.
Предметот во јавноста познат како „Лидери“ сега се однесува на лице од Скопје, на возраст од 50 години кое се товари за кривично дело: бесправно градење, а согласно член 244-а став 1 од Кривичниот законик.
„Во периодот од септември 2011 до февруари 2013 година, обвинетиот градел на земјиште во државна сопственост на булеварот ‘Никола Карев’, во Скопје, за кое во 2004 година имал склучено договор за закуп и користење на пасишта со Јавното претпријатие за пасишта – Подружница Бит Пазар. Иако согласно договорот бил корисник на земјиштето за период од 10 години, тој инвестирал во градба на армирано-бетонски објект од втора категорија. Без одобрение за градба тој изградил станбена зграда на два ката со вкупна корисна површина од 1.001 м2, со деловен простор и шест стана“, појаснуваат од Обвинителството.

( Фото: А1.Он)​

Спонзорирано