За криумчарење мигранти, во предметот наречен „Чичек“, обвинети 20 лица!

    1088

    Големата криминалната група, од мај 2018 до февруари 2019 оваа година, организирала криумчарење на мигранти од Авганистан, Пакистан, Ирак и Бангладеш

    По сеопфатна истражна постапка што Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја спроведува од февруари годинава против 21 лице, надлежен обвинител до скопскиот кривичен суд поднел обвинение за 20 лица. Еден од обвинетите се уште е недостапен за органите на прогонот и за него истражната постапката е времено запрена, односно таа ќе биде запрена се до денот на негово пронаоѓање. Како што појаснуваат од обвинителството 19 лица се товарат дека сториле кривично дело: организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти, а едно лице се товари дека со со умисла и помогнал на организираната група во извршување на делото.
    „Во мај минатата година, тројца од обвинетите создале и организирале криминална група за криумчарење мигранти на која и се придружиле и останатите обвинети лица. Во периодот од мај 2018 до февруари 2019 оваа година групата организирала криумчарење на илегални мигранти од Авганистан, Пакистан, Ирак и Бангладеш. Организаторите на криминалната група во нашата држава заедно со организатори на криминална група во Грција го договарале бројот на илегалните мигранти што треба да бидат пренесени од на македонска територија, времето и местото на преносот. Тие го определувале бројот и видот на возилата што ќе бидат употребени за прифаќањето и превозот на мигрантите, распоредот односно редоследот на движење на возилaта во двата правци, вршеле поделба на задачите на секој член од групата и го определувале начинот на меѓусебна комуникација“, се вели во официјалното соопштение на Јавното обвинителство од каде и појаснувања дека мигрантите, најнапред со помош на водичи викани „качаци“, како предводници на групата, илегално и пешки преку таканаречената „зелена граница“ биле пренесувани од Грција до договорена локација во околината на Гевгелија, Богданци, Дојран, Струмица и Радовиш, а во овие градови други членови на групата со патнички и товарни моторни возила ги преземале и заедно со нив се упатувале кон кумановско-липковскиот регион. При превезувањето, дел од членовите имале улога на „чистачи“ и преку „телефонска-конференциска врска“, ги известувале возачите за поставеноста на полициски патроли на рутата по која се движеле возилата и им давале насоки да го сменат правецот на движење кон некоја од претходно извидените попатни локации. Мигрантите биле времено сместувани и засолнувани, во објекти на соработниците на криминалната група во селата Ваксинце и Лојане, а потоа преку македонско-српската граница заминувале кон Србија, а оттаму кон земјите на Европската унија. „Еден од организаторите остварувал контакти и средби со обвинетиот полициски службеник од кој добивал известувања за поставеноста на полициски патроли, контроли или заседи, информации дали криминалната група е предмет на истрага, како и насоки за прикривање на криминалното делување. За помошта полицискиот службеник добивал паричен надомест во износ од 200 евра за секое возило“, велат од Обвинителството и потврдуваат дека за криумчарење, преку македонската територија, главните организатори наплаќале меѓу 150 и 300 евра за секој илегален мигрант.
    Со обвинителниот акт обвинителот достави и предлог за продолжување на мерката притвор за деветмина обвинети.

     

     

    Спонзорирано