За „Јавна соба“ приведени битолчанец и велешанец

1541

Едно лице од Битола и едно од Велес, денеска, се приведени од полицијата поради сомнеж дека се инволвирани во скандалот со објавување на порнографски материјали од малолетни, но и полнолетни девојки, преку социјалната мрежа „Телеграм“.
Аферата, која и минатата година се ширеше преку групата наречена „Јавна соба“, најверојатно ќе поприми нови димензии, но она што засега е извесно е дека во целиот случај активно се вклучи и самата Влада на РСМ. Имено, премиерот Зоран Заев, потврди дека се побарани информации, но и дека е побарано укинување на социјалната мрежа, преку која се пренесуваат фотографиите на девојките.
„Денеска ова се случува на ‘Телеграм’, а утре можеби на некоја друга платформа и затоа ние имаме задача, но и обврска, да направиме сѐ да обезбедиме соодветна реакција и од оние кои ги создале овие платформи каде се случуваат вакви кривични дела“, напиша премиерот Заев и побара граѓаните да се воздржат од објавувања на фотографии во „Јавна соба“.
Министерот за внатртешни работи Оливер Спасовски на својот фејсбук профил ги потврди приведувањата во Велес и Битола и најави преземање на мерки и активности и кон други лица.
„Работиме во координација со јавното обвинителство, со цел целосно расчистување на случајот и содветно санкционирање на сторителите“, ќе напише министерот Спасовски.
Групата „Јавна соба“, во која во моментов има околу 6.000 членови, уште во теклот на минатата година започна со објава на порнографски материјали, но случајот, поради опструкции, не доби правен епилог.

Спонзорирано