Време на фалисфикати, на право и статистика!

2483

Секојдневно сме сведоци дека некој грубо фалсификува државни функционери и институции и дека и во време на пандемија не сме сите исти и не сме сите солидарни и дека Обвинителството само брои колку граѓани ќе бидат казнети

 

Љубиша Станковиќ

Се чини дека и оние неколку часа кои ги имаме за движење и раздвижување се сосема доволни за да направиме милион глупости и прекршувања на законите.
Дрскоста и безобразлукот е еквивалентен на потезите што во вакви времиња ги влече владата.
Несомнено дека вонредната состојба, полицискиот час, изолацииите и карантинот си го прават своето, но непочитувањето на државните институции како да е сосема нормална појава. Верувам дека сите ќе се сетат дека некој, пред само десетина дена, во името на државниот секретар во Министерствто за внатрешни работи, пушташе покани до граѓани со кои ги повикуваше на распит. Полициската истрага потврди дека потписот на државниот секретар е оригинален, но дека е злоупотребен, дека пораката содржи линк кон веб-страница од каде што потенцијално би се презел малициозен софтвер, а кој водел до Саудиска Арабија и Бахреин и дека електронската пошта се води на име на некој Унгарец, но дека таа е регистрирана во Словачка! Вака, како што ни е соопштено секој нормален ќе каже дека има прогрес во истрагата, но во суштина нема ништо, бидејќи истите тие кои грубо злоупотребија потпис на висок државен функционер вчера, во името на Министерството на наука и образование, „донесоа“ и лиферуваа Уредба за работењето на основните и средните училишта! Уште еден груб фалсификат кој освен демант од Министерствто, нема да добие разрешница.
Се прашувам што е следното? Знам сигурно дека никој не е толку будала да ни ги фалсификува личните податоци, нам, на обичните граѓани за да ни ги плати сметките или кредитите, но исто така знам дека тој кој се зафркава со државата ќе се зафркава и со поединци. Му се може!
Патем, МВР уште истражува дали командир на полициска единица, приватно придружува партиски лидер. Да немаме дилеми и по ова прашање: одговор ќе има само треба време за да се смисли нешто!
Вчерашниот ден нема да остане запаметен само по „уредбата“. Денот ќе се памети и по ажурноста на Уставниот суд кој процени дека судиите не смеат да живеат со 14.500 денари и дека нема потреба да бидат солидарни.
Не дека се согласувам со одлуката на Уставниот суд – напротив, ама мислам дека вакво „удирање од земја“ немало одамна?! Имено, судиите, под плаштот на „владеење на правото“, а како „трета власт“ и покажаа на државата дека за нив не важат уреди и одредби кои треба и важат за сите други! Сега некој можеби ќе рече дека оној невработениот кој чека работа во Агенцијата за вработување не е и не може да биде судија и тоа е точно, но точно е и тоа дека и тој, во време на корона, треба да јаде, се разбира многу помалку од судиите!
Правото мора да владее!
А, кога веќе го споменав Обвинителството не можам, а да не кажам дека оваа институција, изминативе два месеца, се однесува како да е Завод за статистика. Не знам кој се сети и кому му е интересно сакојдневно да ги чита соопштенијата, од напишани пет редови, за тоа колку луѓе и во кој град се пријавени заради непочитување на полицискиот час.
Не сум проверил одамна колку вакви „информации“ се лиферувани, но ваквите „алиби соопштенија“ ниту некој ги чита, ниту некој ги објавува!
Ако намерата била никој да не ги забележи, тогаш тие во целост ја исполниле нивната функција?!
Она што е битно е тоа дека и обвинителите ќе си добијат платата во полн износ!