Тричковски „да виси“ – на насловни страници!

4753

Љубиша Станковиќ

Чинам дека намерата е да се дискредитира Тричковски, а „оној кој бил загрозен и навреден“ да биде чист пред јавноста за да може уште утре да каже дека тој е навреден, но дека неговиот „демократски капацитет“ е толку голем што не му дозволува да поднесува тужби против новинари

 

Заговарачот на неселективност, персонифициран во ликот на актуелниот технички министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, длабоко ме разочара! Сакав и му поверував дека човекот е професионалец кој во својата работата постапува неселективно, но од она што тој како информација го дистрибуира во јавноста се покажува дека „материјалот“ е грижливо избран.
Мислев дека токму поради неговата „неселективност“ денеска ќе ни раскажеше нешто повеќе за еден сопственик на телевизија кој синиќа „клен-пијан“ се возел по скопските улици, а едно време и ги зезал полицајците така што им бегал со неговиот џип, а тие го бркале. Нормално, ваква информација не може да се очекува да биде објавена на телевизијата чијшто сопственик е возачот кој, за разлика од обичниот народ има дозвола за движење во време кога сите мора да седат дома. Но од Наќе Чулев очекував да каже како се случил инцидентот, дали и каква пријава му е поднесена и зашто тоа лице има дозвола за движење кога од него и нема некоја корист? Од „неселективниот“ министер очекував да каже како е можно лидер на политичка партија кој треба да е две недели во изолација се појавува во црква и тоа далеку од неговиот дом? Чулев беше должен да каже дали кај овој политичар пуштал полициски контроли и ако не пуштал зошто нему да му се ускрати правото кое го имаат сите други?

И таман помислив дека овој, за некои празнично-карантински, а за други алкохолен-рели викенд ќе помине без некои особености кога ете ти го новинарот Бранко Тричковски!
Полицијата му поднела пријава, бидејќи на 13. овој месец, на социјалната мрежа Фејсбук „објавил статус со навредлива и заканувачка содржина кон претседател на политичка партија“. Не знам како и со што му се заканил Тричковски на политичарот? Најверојатно му се заканил дека и во иднина ќе пишува за него, ама пак, не може да го пријават за искажана навреда! Навредата, ( како и клеветата) безмалку една деценија не е кривично дело и не се гони по службена должност. Ако некој е навреден ќе си пише тужба и ќе ја поднесе до граѓанскиот суд, а судот е тој кој ќе каже дали има или нема навреда! И сигурно нема да го консултираат МВР и Наќе Чулев!
Она што мене ми е интересно е тоа што пријавата за наводно сторено кривично дело: „загрозување на сигурноста“, доаѓа една недела по објавеното на Фејсбук, односно во време кога политичарот треба да е дома и во изолација! Значи, човекот е дома и неговата сигурност е загарантирана, освен ако немал несогласувања со неговите најблиски.
Новата пријава за Тричковски доаѓа само четири месеци по отфрлање на кривична пријава со која тој, како и сега, беше обвинет дека, наводно, ја загрозил сигурноста на експретседателот Ѓорге Иванов и на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. И тогаш, како и сега, Тричковски беше пријавен за загрозување на сигурноста и за ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем.
„Има основ за граѓанска штета, но не и за кривична одговорност!“, напиша јавниот обвинител кој го истражуваше случајот. Сега, четри месеци подоцна, ја имаме истата пријава со истите дела и најверојатно со ист епилог?!
Што е мотивот за поднесување кривична пријава онаму каде што и самиот поднесувач знае дека истата ќе биде отфрлена?
Чинам дека намерата е да се дискредитира Тричковски, а во исто време „оној кој бил загрозен и навреден“ да биде чист пред јавноста за да може уште утре да каже дека тој е навреден, но дека неговиот „демократски капацитет“ е толку голем што не му дозволува да поднесува тужби против новинари, но дека „државните институции“ ги регистрираат наводните напади врз него!
Ако во партијата има некој кој се занимава со сериозна анализа треба да им каже на другите дека Бранко Тричковски целиот свој работрен век пишувал за да биде на насловните страни во медиумите во кои работел, а дека сега тие се тие кои го ставаат пензионираниот новинар Тричковски на насловните страници со нивните непромислености и залудно поднесени кривични пријави!
Да сум јас на нивно место повеќе ќе се грижев за Тричковски отколку што тој самиот се грижи за себе! Бенефит ќе имаат и тој и тие. Ама тие си знаат!
А, јас…Јас и натаму ќе чекам информација за пијаниот со џипот! Неселективна, се разбира!

Спонзорирано